Премиерот Заев, министерката за труд и социјална политика Мила Царовска и директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Јован Деспотовски денеска учествуваа на „Донаторска конференција на 50-те најголеми компании за храна“ во организација на „Ајде Македонија“.
„Денешната донаторска конференција е показател дека секој од нас може да се вклучи и да направи нешто, за да помогне. Социјалната правда е основата на секое здраво и напредно општество, а солидарноста е одлика на нашиот концепт „Едно општество за сите“, каде елементарниот приоритет е граѓанинот, неговите права и еднакви можности, без поделби и исклучоци“, рече премиерот Заев.
Почитувајќи ги овие приоритети и воведувајќи европски стандарди за социјална заштита, оваа Влада, се посвети на донесување мерки за директно намалување на сиромаштијата. И затоа, безрезервно ја подржуваме програмата за поддршка на ранливите категории, преку донирање храна од страна на бизнис операторите.
Мрежата „Сите сити“, која ја има целосната поддршка на Владата, овозможува креирање на нов систем за помош за оние наши сограѓани кои имаат реална потреба. Овој Систем, има хумана, солидарна цел и се заснова на поефикасно искористување, преку донирање, на сите вишоци храна, кои во моментов, за жал, дури и се фрлаат. Но, истовремено овој систем е комплексен, и ја поттикнува свеста кај граѓаните за важноста од правилното третирање на вишокот храна и нејзина понатамошна еколошка обработка.
Според податоците на „Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации“ (ФАО), во нашата земја, 30 проценти од храната завршува како отпад. И тоа навистина е голема штета. Затоа што со намалување на количеството отпад од храна и дистрибуцијата на вишокот храна на луѓето на кои навистина тоа им е потребна, Северна Македонија дополнително може да го намали проблемот со сиромаштијата, но и да ги поттикне веќе воспоставените позитивни промени во општеството.
Затоа и ние како Влада се вклучивме, да овозможиме законски основи и да ја поддржиме изградбата на систем, кој ќе го зголеми пристапот на граѓаните до квалитетна храна. Во наредниот период, очекуваме да се донесе Законот за донирање на вишокот храна.
Министерството за труд и социјална политика и Фондот за иновации и технолошки развој дадоа поддршка на „Сите сити“ во пилотирањето модели, кои имаат потенцијал да прераснат во Програма, која ќе даде системска одржливост во напорите за помош на социјално ранливата категорија граѓани.
„Сите сити“ со поддршка на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, работи на изработка на Стратегија за превенција на отпадот и загубите од храна.
Системот „Сите сити“, е добар пример како може да се работи заедно – граѓанскиот сектор, бизнис заедницата и Владата, – за подобрување на состојбата на сите граѓани.
Денешната Донаторска конференција е показател дека секој од нас може да се вклучи и да направи нешто, за да помогне.
Затоа, ја користам приликата, да упатам јавна покана, во функционирањето на системот да се вклучат и други субјекти, со цел да се зголеми неговиот капацитет и да се опслужат што повеќе граѓани на кои им е потребна храна.
Помошта не се однесува само на обезбедување храна за дел од нашите сограѓани, кои не можат да си ги дозволат сите оброци во текот на денот, туку и за правилна употреба на илјадниците тони безбедна храна која завршува на отпад и депонии.
Чест ми е да присуствувам на оваа Донаторската конференција за донирање на вишоци храна, во која се вклучија и педесетина компании и навистина ми е драго, што имам можност да искажам голема благодарност за организацијата и за учеството на овој настан, но најповеќе за компаниите којшто го прават овој храбар чекор.
Благодарам и нека е со успех целиот проект којшто со оваа денешна конференција буквално сака да испрати порака да расте во обем, да мотивира и други и да бидеме навистина социјална држава како што личи.“