НАСОКИТЕ НА АМЕРИКАНСКАТА ПОЛИТИКА – Емил КРСТЕСКИ

Сподели

Емил Крстески

По минатонеделното соборување на американско беспилотно летало од страна на иранските воени сили, погледите на светската јавност повторно беа насочени кон Блискиот Исток, како хронично невралгична точка низ која поминуваат линиите на интересите на големите сили. САД веднаш се заканија дека воено ќе го нападнат Иран, доколку Техеран посегне по уште еден ваков или сличен потег. Дипломатската остра реторика и закани меѓу овие две земји и натаму продолжува, дури и во рамките на Обединетите нации, каде што од страна на Техеран беа осудени новите санкции на САД спрема Иран и беа наречени „ментално ретардирана акција“, и дека се подготвени воено да возвратат на било која американска акција или провокација.

Причината американскиот претседател, Доналд Трамп да ги најави новите дополнителни ригорозни санкции спрема Иран, не беше само поради „воздушниот инцидент“, туку и поради наводното иранско непочитување на некои одредби од Спогодбата за нуклеарно оружје, потпишана во 2015 година од САД, Велика Британија, Франција и Германија, од една и Иран од друга страна. А, како што е познато, владата во Техеран ја обелодени намерата дека нема да се придржува до некои одредби од нуклеарната спогодба, зашто САД минатата година веќе се повлекоа од неа.

Владата во Париз, во врска со ова прашање, оценува дека повикот на САД за формирање коалиција против Иран е несоодветно, зашто, сепак, европските земји се залагаат за зачувување на Меѓународната нуклеарна спогодба со Техеран и покрај американското напуштање и воведување санкции против Иран.

Ваквите тензии на Блискиот и Средниот Исток се случуваат во време кога американската администрација најави нов мировен план за палестинско-израелските односи на сегашната работна конференција во Бахреин, најавен како „шанса на векот“ за односите на Блискиот Исток и кој предвидува инвестиција од 50 милијарди долари во наредните десет години. На оваа работна конференција, покрај израелски и палестински претставници, учествуваат и официјални делегации од САД, Египет, Саудиска Арабија, Мароко, Јордан и од земјите од Персискиот Залив.

 

 

Државниот американски секретар, Мајк Помпео е на турнеја во чии рамки, покрај Авганистан, каде што преговара за мировна спогодба со Талибанците, ги посетува и Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати, Индија, Шри Ланка, Јапонија и Јужна Кореја. Додека, пак, претседателот Трамп викендов, пред престојот во Јужна Кореја, ќе биде во Осака на Самитот на Г- 20, на кој, меѓу другите, ќе се сретне и со рускиот претседател Путин, со кого ќе разговара за најновите недоразбирања меѓу НАТО и Русија во врска со почитувањето на Спогодбата за нуклеарното оружје од среден дострел, за кризата во американско-иранските односи и за окончувањето на нуклеарната програма на Северна Кореја.

Целиот овој сплет на воено-политички настани, кризи и процеси на меѓународната сцена како да изнудуваат и дополнителни промени во позиционирањето на големите сили, што, од своја страна, истовремено создаваат и нови промени и проблеми во меѓународните односи. Тоа, пак, го наметнува и прашањето: во која насока ќе се одвиваат меѓународните односи во третата декада од 21-от век и каква ќе биде улогата и влијанието на САД и како тоа ќе се рефлектира врз заштитата на нивните интереси?

Комплексноста на стратегиските составни делови на односите во светот укажуваат дека доминацијата на било која сила, вклучувајќи ги и САД, е недостижна и неостварлива и дека односите во светот очекувано може да бидат похаотични и покомплицирани. Во таков случај, императив за САД ќе биде да продолжат да дејствуваат со нова благовремено донесена стратегиска визија за нивната надворешна политика и за ефикасна заштита на нивните национални интереси, а според досегашното искуство и реалните проценки, самите добро да се подготват за новите меѓународни околности и за очекуваните претстојни опасни последици од евентуално лизгање надолу низ глобалните турболенции и предизвици, што се предвидуваат да се случат на меѓународен план до средината на овој век.

Парадоксот на САД е во тоа што наспроти својата голема економска, технолошка и воена моќ, не може да ги синхронизираат своите внатрешни политички и економски потенцијали, па и нив да ги усогласи со своите големи партнери во светот, со кои, начелно споделува исти вредности и погледи во однос на глобалната судбина и иднина на светот. Но, прашањето е и во тоа што вредносната основа и генералната ориентација на американската надворешна политика, меѓу другото, се испреплетува и со големите корпоративни индустриски и финансиски интереси, што објективно ја ограничува оправданоста на идеалистичките вредности и ја сведува на остварување на реал-политичките цели, како политика на моќ и интереси која што се уште преовладува во светот.

 

 

Улогата на САД во разгледувањето и решавањето на глобалните политички односи засега е од суштинско значење, но нивната нагласена супериорност и присутност како светска супер-сила, очекувано предизвикува и недоразбирања и конфликтни ситуации со другите земји. Така е и во поново време со односите со некои земји од Латинска Америка, особено со Венецуела, со Иран, Сирија, Авганистан, Русија, Кина, Северна Кореја и други. Да не заборавиме дека неодамна Трамп го спомена и Западен Балкан како дел од интересните сфери на САД, но како особено проблематични земји ги нагласи Македонија, Босна и Херцеговина и Косово. Затоа, поради нивната супериорност и се очекува светот во блиска иднина неминовно да се соочува со меѓународни конфронтации од политичка, безбедносна и економска природа, што ќе треба брзо и ефикасно да се решаваат на добро обмислен начин и со соодветни дипломатски средства.

Во поново време американската надворешна политика е понагласена во регионот на Југоисточна Азија и Пацификот, каде што, според мислењето на некогашниот американски државен секретар и теоретичар, Хенри Кисинџер, се поместува фокусот на меѓународните односи и таму се концентрира „моќта на парите и на политиката“. Зашто, и покрај одредени политички и економски кризи, азискиот регион во целост доживува забележителен економско-технолошки и воен развој и позитивни промени. Сосема логично, во тој случај, е што САД интензивно ги развиваат и ги унапредуваат политичките, економските и воените односи со Јапонија, Филипини, Тајван, Австралија, Јужна Кореја, Виетнам, Мијанмар, Тајланд, Индонезија и со други земји, сметајќи ги за свои традиционални пријатели, партнери и сојузници, но истовремено градејќи и соодветни мостови на соработка со Кина и Северна Кореја, како и со други држави од Југоисточна Азија и Пацификот.

Самитот на 20-те најразвиени земји во светот, што викендов се одржува во Јапонија, ќе биде уште една можност за потенцирање на прашањата што се од витално значење при спроведувањето на американската надворешна политика и при заштитата на американските национални интереси во меѓународни рамки, притоа не потценувајќи ги и можностите на другите големи сили и нивните интереси, зашто во решавањето на глобалните теми и проблеми постои тесна поврзаност и меѓузависност на надворешните политики токму на големите светски актери.