Судот и судиите работат согласно законските одредби, го почитуваат начелото на еднаквост на оружјата, уставно загарантираните права и слободи и одлучуваат врз основа на доказите и аргументите, а не врз основа на лични желби на странките во постапката, се вели во писмената реакција од Основниот кривичен суд Скопје во однос на вчерашната изјава на државниот јавен обвинител Љубомир Јовески кој на новинарско прашање за последната одлука во делот на противправното градење, односно како Судот ја толкува таа одредба за случајот „Тревник“, рече дека на такви судии не им е местото во правосудството.
„Мислам дека на такви судии не им е местото во правосудството и веројатно Судскиот совет ќе треба по соодветна постапка да го испита тој дел. Јас после објавувањето на пресудата барав и судска пракса. Судската пракса во однос на овие кривични дела е сосема јасна, таму не се бараат ниту записници од инспектори, ниту дали некој пријавил, доволно е лицето да отпочне да гради без одобрение за градба“, рече Јовески.
Од Основниот кривичен суд Скопје на Обвинителството му порачуваат, наместо редовно и неосновано да го напаѓа судот и судиите после секоја судска одлука од која не се задоволни, да си погледне во сопствениот „двор“.
– Како суд бараме во иднина обвинителството да се однесува со повеќе почит кон судиите и судиската функција, нивните коментари и изјави да се во рамки единствено на нивните надлежности, а не на паушални обвинувања – се вели во соопштението од Основен кривичен суд – Скопје.