Во последно време кај нас, во овој период од годината, е мошне актуелно прашањето за пожарите на отворени површини, кои прават големи штети и го загадуваат воздухот.
При ваквите случаи, Инспекторат на Град Скопје, има потреба од асистенција од полицијата за да можат на терен да утврдат кој ја крши забраната за палење огнови на отвоен простор и да казнуваат, зашто ситуацијата на терен е мошне комплицирана. Тимовите составени од двајца инспектори, еден комунален и еден претставник од животна средина и комунален редар, се постојано на терен со дежурства, а се активира и снимање на теренот со дрон за да се утврди каде точно се пали. Очигледно дека помош од МВР е потребна бидејќи инспекторите се соочуваат и со сериозни закани.
Поради потребата од поефикасно работење на инспекторите, треба да се формира комунална полиција, поточно да се донесе закон за функционирање на таа полиција. Сега се работи на предлог-законското решение, а комуналната полиција, која би била под контрола на инспекцијата, е алката која сега недостасува. Комунален полицаец ќе може и да легитимира и да апси ако сторителот дава извесен отпор, да го документира прекршокот со снимки за да можат случаите регуларно и законски да се процесираат.
За ефикасно функционирање градската инспекција нема доволно луѓе, средства и ингеренции за да се справи со прекршителите кои загадуваат или прават други незаконски дејства. Идниот месец, Инспекторатот на Град Скопје треба кадровски да се доекипира, а некои од инспекторите ќе бидат прераспределени на други места поради тоа што не ги исполниле зададените обврски па дури и опструирале. Тринаесет години Градската инспекција немала раководител и некои луѓе тешко се соочуваат со поинаков начин на работа, кој може да даде резултати. Инспекторатот има 40 инспектори кои располагаат со 5 возила, од кои ниту едно не е теренско. Инспекторатот на Град Скопје даде иницијатива за измени на околу 15 закони: Закон за јавна чистота, Закон за животна средина, Закон за спорт, за туризам и угостителство и други, кои се однесуваат на зголемување на ингеренциите на градските инспектори.
Она што е особено важно е тоа што минатиот декември е иницирана измена на Правилникот за гранични вредности за печки до еден мегават, кој досега им оневозможуваше на инспекторите да пишуваат прекршочни казни, а кој уште не е усвоен од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање. Поради ваквите законски недоречености, инспекторите долго време биле оневозможени да казнуваат загадувачи на животната околина, токму почитувајќи го овој Правилник.
Ако се има предвид дека наскоро ќе започне грејната сезона, може да се очекува и зголемување на загадувањето на воздухот во Скопје. Но, ќе има високи казни за прекршителите. Оваа зима ќе биде многу интензивен процесот на инспектирање и зголемени контроли врз индустриските капацитети, кои се под надлежност на Град Скопје. Таквите интервенции на инспекцијата може многу да придонесат за ублажување на штетните емисии и на загадувањето на воздухот во градот.
Инспекторатот на Град Скопје има склучено и договор за изнајмување дрон за снимање на терен во делови од градот што се означени како црни точки и тоа би требало значително да ја зголеми ефикасноста на инспекцијата.
Во ромските населби под Кале лани зимата постојано се палеше отпад, кабли и други материјали, што значително придонесуваше за загадувањето на воздухот, но со засилени дежурства и акции од страна на МВР и од Министерството за труд и социјала, некако се справивме со ваквите ситуации. Оваа зима очекувам да има помалку вакви случаи и да се подобри соработката на Инспекторатот на Град Скопје со МВР и со Државниот инспекторат за животна средина. Со тоа, исто така, искрено се надевам дека како институција ќе придонесеме за намалување на загадувањето на воздухот во Скопје и за што подобра заштита на здравата животна средина.
Авторот е раководител на Градскиот инспекторат