Премиерот Зоран Заев, во интервју за ТВ Сител уште еднаш ги наведе црвените линии во преговорите со опозицијата за СЈО и за Законот за јавното обвинителство, и ги објасни со подготвеноста за креативна понуда на решенија за излез од ситуацијата, при тоа имајќи предвид дека одговорност на сите во државата треба да биде да обезбедиме независен правосуден систем, независно обвинителство, независно судство, кое ќе решава криминали без разлика до кој води тој криминал.
„Како во ретко која демократија понудивме шеф на обвинителство за решавање висока корупција да биде предлог на опозицијата. Парламентот да го избере, а Советот на обвинители да го верификува. Во такви околности црвената линија е иднината на предметите на СЈО. Да не се уништат, да не се заташкаат, да нема амнестија“, истакна премиерот Заев во интервјуто за ТВ Сител.
На прашањето на новинарката дали случајот „Рекет“ е причина да не биде постигнат компромис, Претседателот на Владата Заев потенцираше дека нема никаква логика за поврзаност на разрешувањето на Катица Јанева со случајот „Рекет“.
„Растеретени сме од било каква тежина или тегоба на нашите плеќи. Кој се огрешил од законот, треба да си одговара. Затоа и понудивме тие да предложат обвинител. Но, за да се случи тоа треба да се предложи сериозен обвинител и да се формира тим кој ќе формира предмети за сите случаи, вклучувајќи го и „Рекет“, но и предметите за 27 април. Одбија затоа што знаат дека како предлог не може да дојде Никола Груевски, или Јово Илиевски, или Марко Зврлевски. Такви предлози нема да го добијат парламентарното мнозинство. Треба да се излезе со издржан предлог за обвинител. Немаме проблем со таков предлог. И сето тоа да се покрене и реши во период во кој тие предмети нема да застарат. Но, опозицијата го одби овој предлог, а должни се да кажат зошто го одбиваат“, рече Заев во телевизиското интервју.
Тој додаде дека случајот говори за еден комплетно променет амбиент во гонењето на високата корупција и организираниот криминал во земјата.
„Зоран Заев го пријави рекетот. Ова е сосема различно и обратно од едни минати времиња. Обвинителството е целосно ослободено и транспарентно ја води постапката. Јас, граѓаните, очекуваат таа постапка да заврши час поскоро. Да ги добиеме одговорите. Каде завршиле парите и кој сѐ е инволвиран? Секој треба да одговара, без разлика до кого ќе стигне истрагата“, потенцираше Заев.
На прашањето дали блокираните преговори со опозицијата и случајот „Рекет“ ќе бидат причина за одлагање на датумот за преговори со ЕУ за нашата земја, премиерот Заев рече дека тој останува оптимист и дека за тоа има добри причини.
„Јас сум премиер и таа позиција ми овозможува фреквентна комуникација со државниците на земјите членки на ЕУ, или со нивните амбасадори во нашата земја. Со случајот „Рекет“ Северна Македонија прокнижува поени. Се спроведува независна истрага, премиерот пријавил случај, обвинител има во притвор. Сето тоа покажува дека правосудните инстанци се растеретуваат од политиката. Тоа значи за Северна Македонија уште еден плус, зашто борбата е високо на нашата агенда дома, а тоа го гледа и ЕУ во делот на обврските од реформите. Тоа е добра причина датумот секако да го добиеме во октомври како што беше ветено“, истакна премиерот Заев и додаде дека останува на ставот дека барањето за предвремени избори само ќе го забави спроведувањето на реформите и на придобивките од економските резултати кои се најважни за граѓаните.
Премиерот Зоран Заев во интервју за Сител одговараше на повеќе актуелни прашања за СЈО, иднината на предметите на ова обвинителство, за Законот за јавното обвинителство, за „Рекет“, за дијалогот со опозицијата.
– Сакам постапката да заврши час поскоро. Граѓаните сакаат да ги знаат одговорите. Постојат закони во државата и треба да се постапува по нив. Јас сум задоволен зашто веќе нема влијание врз правосудството, потенцира премиерот.
Пратениците на СДСМ на собраниска седница ќе го поддржат разрешувањето на Катица Јанева, но, не за незаконско, туку за нестручно и несовесно работење, рече премиерот Зоран Заев во вечерашното интервју за ТВ „Сител“.
– Толку е нелогично тоа дека во „Рекет“ некој бил вмешан од блиските луѓе на Заев и затоа не се разрешува Катица Јанева, едно со друго нема „блага врска“. За Собранието да не ги кочи постапките на барање на Советот на обвинители, тоа ќе постапи. Нашето укажување и писмено го дадовме, дека ќе дадеме поддршка во Парламентот, но не за незаконско, туку за нестручно и несовесно работење, истакна Заев.