Низ историјата, Балканот е познат по хиперталентот за производство на злото. Тука е вообичаено и атеистите да ги цитираат божјите книги. Тука празните зборови имаат поголемо значење од чесните дела. Доволно е да си ги офарбате со некаков лажен патриотизам, за потоа да има гладијаторски игри каде што прво изгинува вистината, невиното и нормалното. Овде и кога е мир мириа на немир. Криминал, неправда, омраза, лаги, подметнувања или сѐ во едно, пакувани во убава можат да уништат секоја здрава логика. Готово и да не постои ниту еден голем ум кој не бил допрен од балканското лудило. Тука се дига прашина и поради тоа што морето има вода. Нормален свет ни укажува дека сложните браќа куќа градат, а ние убедуваме дека несложните браќа две куќи градат. Тука војните се налик на ритуален национален симбол и се продаваат како врвен национален интерес. А башка – „што јужније, то тужније“!
Трајниот балкански талент во дисциплината „самоуништување“ изгледа сериозно ги заплаши и најсилните центри на моќ, кои сега се принудени да преземат сѐ што е во нивна можност за да ја спречат детонацијата на злото. Германија со европскo знаме ја форсираше западно-балканската внатрешна интеграција, но очигледно дека отпорот од државите на регионот е многу силен. Конечно, американците, обично по заморот на страните, со стап и морков, полесно ќе ги убедуваат балканските лидери за тоа што по своја природа би требало самите да бидат убедени. А тоа е дека нивната меѓусебна интеграција не е само во полза на нивниот економскиот развој, туку и за нивниот национален спас. Создавањето на некаква економска или царинска унија би имало повеќекратни позитивни ефекти. Би се отворил пазар со околу дваесетина милиони жители, кое видно би ги заживеел индустријата, трговијата, земјоделството, сточарството, туризмот итн. Исто така во голема мера би се зголемила и странските инвестиции. А над сѐ, народите би се зближеле, а со тоа и регионалниот мир и стабилност.
Американците за таа цел го назначија силниот Метју Палмер за специјален американски претставник за Западен Балкан. Него го нарекуваат „Холбрук на 21 век“, оти има тешка задача да ги решава огромните внатрешни проблеми во регионот. Тука првенствено треба да изнајдат решение за односите меѓу Србија и Косово, но и корекција на дејтонскиот статус на Босна. Палмер е српски зет, се пофали шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ, но како на шега истакна дека не очекува многу од него, туку од неговата сопруга. А таков зет веројатно е пратен за полесно да го помине процесот. Западниот Балкан ќе мора да ги укине границите, за да создаде заеднички пазар, заедничка економска целина, заедничка енергетска политика, заедничка политика во телекомуникациите, транспортот, сите овие попратени со развојот на човековите права, демократијата и владеењето на правото. Неодамнешната средбата во Блед, каде што европејците маргинално беа присутни, се смета за подготовка за една опсежна операција. Во протоколот на состанокот во Брисел за проширување на ЕУ, се вели дека „Европската комисија ја поздравува идејата за економска интеграција на западниот Балкан, но дека некоја нова унија не е најдобро решение, па оттука подобро да се соработува и понатаму во рамките на ЦЕФТА“.
Реално, со години низ ЦЕФТА настојуваме некое позначајно трговско интегрирање, но очигледно дека рботата оди многу бавно. Тој договор за слободна трговија функционира меѓу сите држави од западен Балкан и Молдавија, но ефектите не се доволни. Тука е проблемот што Србија веќе има договор за слободна трговија со Русија или Евроазиската унија и можеби ќе имаат проблем со другите членки кои не се страни на таков договор. Но, ако двата договори се усогласат тоа би можело да биде дополнителен стимул и за другите земји од западен Балкан. Постојат мислења дека тоа би ги одалечило регионалните балкански држави од ЕУ! Тоа нема основа, оти таквата балканска унија дополнително би им помогнал на овие држави да ги зајакнат конкурентните способности не само во рамките на заедничкиот пазар, туку и пошироко, што е услов што го бара европскиот пазар.
ЕУ, иако љубоморно гледа на сето тоа, таа е свесна за својата (не)моќ и добро знае дека пропуштањето на регионот на самиот себе (во неможноста да го интегрира во себе), лесно состојбата може да се доведе до регионална дестабилизација и експлозија. Тука веќе геополитичките претензии од страна на светските моќници се длабоко влезени. Постои оправдано стравување дека Кина, Русија и Турција лесно би ги поделиле нивните интереси во регионот, а за мирот ич да не им е грижа. Дури балканската дестабилизација многу би им одговарала, оти би се факторизирале за други важни светски политички игри. Затоа САД со сиот нивен капацитет, во последен момент силно форсираат пацифизирање и интегрирање на целиот западен балкански регион. Но, процесот воопшто не е лесен и едноставен. Западните држави, само по неколку години по војната формираа три организации како столбови на сегашната ЕУ (за јаглен и челик; за економска заедница; и за атомска енергија). А кај нас и после 25 години по војните, секој ден раните намерно се чепкаат за да изгледат свежи. Балканецот силно потсетува на туѓи грешки, а се лути што истите не ги забораваат неговите грeшки.Тој е некако конзистентен во неконзистентноста.
Значи, наспорти презирот, ЕУ знае дека со тоа ќе се намалува притисокот од земјите на западен Балкан за брзо зачленување во ЕУ. Брисел е спремен да плати пет пати повеќе пари од тоа што дава сега (тоа би биле околу 60 милијарди евра), само да се одложат можните приеми во наредните десет години. Оти, факт е дека мнозинството граѓани на ЕУ се против приемот на сиромашни држави во нивниот и така веќе раскаран клуб. Исто така едни релевантни држави членки упорно инсистираат првин да се прават внатрешни реформи во самата ЕУ, а потоа со строги критериуми да се одвиваат новите зачленувања. Тоа сепак е многу подобро отколку лажното глумење реформи во државите од западен Балкан, а и глумење волја за прием нови членки во Брисел. Изгледа толкави маски се потребни за да не се гледа дека многумина тука и таму воопшто немаат лице. Проширувањето во Брисел се доживува како ептен здодевна песна, чии рефрени се секојдневните лаги. А балканскиот регион наголемо се празни од младите. Тој останува без душа. Бегаат, оти насекаде во светот им е подобро отколку во нивната татковина. Гледаат дека тука гладните се сити од сѐ, а ситите се сѐ погладни. Со години Западот ни го зема највиталниот слој од населението како работна сила оти знае дека тие полесно се интегрираат кај нив. А на овдешниот празен регион како можна надеж му ги оставаат Афгнистанците, Индијците, Сиријците, Еритрејците. А можеби ова е заслужено, оти сменивме толку влади во регионот а пак ништо, па можеби е време да си ги смениме народите!