ПОЦ: На центарот на Скопје му фалат најмалку 4.000 паркинг места

Сподели

 

Во центарот на Скопје има значително поголема побарувачка на места за паркирање во споредба со капацитетот на постојните паркиралишта. ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ (ПОЦ), само во делот на паркинг зоните со кои стопанисува, во моментов забележува недостиг на 4.030 паркинг места.

Од ова јавно претпријатие за „Мета.мк“ велат дека располагаат со 5.173 обележани паркинг места на сите отворени и затворени паркиралишта со кои тие управуваат. Наспроти ова, бројот на активни кориснички договори за повластени паркинг карти за жители на општина Центар за прво возило во моментов изнесува 9.203.

Од „ПОЦ“ потенцираат дека надминувањето на проблемот со паркирањето во центарот на Скопје не може да се темели на драстично зголемување на изведбата на нови паркинзи, бидејќи аерозагадувањето и загадувањето на животната средина уште повеќе би се зголемило во иднина.

– Решението на проблемот го гледаме во подобрување на јавниот превоз и инфраструктурата на алтернативниот превоз (велосипеди, електрични тротинети) во градот Скопје – велат за „Мета.мк“ од „ПОЦ“.

Според нив, зголемувањето на бројот на паркинг места треба да се насочи исклучиво за задоволување на потребите на жителите од оваа општина. Во 2020 година, ова јавно претпријатие ќе изгради отворен монтажен паркинг со капацитет од 287 паркинг места во Дебар Маало позади општинските бараки. Со реконструкцијата на улицата „Орце Николов“ ќе се добијат дополнителни 80 обележани паркинг места во Дебар Маало.

Од „ПОЦ“ информираат дека на територијата на општина Центар има околу 220 хаварисани возила кои ги зафаќаат постојните паркинг места. И за нивното дислоцирање се бара решение, со што би се ослободиле дополнителни паркинзи за возилата.

– ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ веќе е во процедура за добивање простор за депо наменето за хаварисани возила. Откако ќе заврши процедурата, ЈП „ПОЦ“ ќе почне со оплеменување и уредување на просторот и ќе стартува со ослободување на паркиралиштата од возила кои не се во возна состојба – посочуваат од „ПОЦ“.

Според податоците на Државниот завод за статистика, граѓаните на општина Центар во изминативе пет години набавиле над 1.500 дополнителни автомобили. На крајот на 2018 година на име на жителите од оваа скопска општина биле регистрирани 23.415 автомобили. Наспроти ваквиот податок, во Скопје на крајот од минатата година биле регистрирани вкупно 149.484 патнички автомобили.