Католичките верници и дел од православните христијани кои се водат според Грегоријанскиот календар, денеска го одбележуваат Раѓањето Христово – Божик. Традиционално, во државава централната прослава по повод празникот се одржа во Католичката црква „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје, каде синоќа имаше божикна полноќна света литургија.
На литургијата присуствуваа и претседателот Стево Пендаровски со сопругата Елизабета Ѓоргиевска, претседателот на Владата, Зоран Заев, вицепремиерот и министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи, директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи Даријан Сотировски, претставници на верски заедници…
Бискупот скопски и епарх струмичко-скопски Киро Стојанов, честитајќи им го празникот Божик на католичките верници на литургијата ја прочита божикната порака.
“Браќа и сестри, Исус да ни помогне да ја најдеме довербата што не прави човечни, да се учиме од Него на богољубност и човекољубност. Тој да ни помогне да ја најдеме таа блискост во нашите семејства, меѓу познатите и колегите, меѓу пријателите и соседите, во заедницата и во општеството, не само за овие празници, туку во текот на целата година и целиот наш живот. Во оваа радосно време да ги утеши тажните, да ги оздрави болните, да ги врати прогонетите на нивните огништа, а на сите нас да ни донесе радост и мир. Честит празник Рождество Христово! Христос се роди!” истакна бискупот скопски и епарх струмичко-скопски Киро Стојанов.
Божик денеска слават и Грчката, Бугарската, Романската, Украинската и Грузиската православна црква, кои го прифатија Грегоријанскиот календар. Преостанатиот православен свет кој се води според Јулијанскиот календар, меѓу кои и Руската, Српската и Македонската православна црква, Ерусалимската патријаршија, како и дел од монасите на Света Гора, Божик ќе го одбележат на 7 јануари.
МИА