“За да имаме здраво општество, мора да имаме здрава младина, а за да имаме здрава младина мора да имаме здрава животна средина!
Аерозагадувањето со години е проблем број еден во Скопје и пошироко, кое директно придонесува и за климатските промени, и затоа повеќе не може да чека. Младите од средните училишта во Скопје минатиот петок ја презедоа иницијативата од возрасните, со барање властите итно и со максимален интензитет да се посветат на решавање на овој проблем. По примерот на Петоци за Иднината на глобално ниво, во петок ги повикуваме средношколците повторно да ни се придружат на улиците во 17 часот, на последниот Марш во 2019, на рутата од Министерство за животна средина до Влада. Оние кои ги носат одлуките мораат да разберат колку ова прашање е важно за сите нас!
Напоменуваме дека овој период од школската година е важен за учениците, но чистиот воздух е уште поважен. Затоа Петоци за Иднината Скопје не повикуваат на бојкот на целиот училишен ден, туку симболично напуштање на наставата на крајот на денот за да му се придружат на Маршот. Во знак на солидарност, учениците во прва смена ќе одржат протест за време на последниот час во школските дворови.
Сакаме да нагласиме дека не поддржуваме никакви други активности надвор од оваа програма, и се оградуваме од било какви злоупотреби на еколошката кауза за лични или партиски цели. Затоа ги повикуваме средношколците да го канализираат нивниот револт исклучиво преку протестниот концепт на Fridays For Future и да ги следат насоките од нашите профили на социјалните мрежи.
Нашето барање е едноставно исполнување на листата на барања на коалицијата Зелен Фронт, за да можеме да продолжиме со образованието како што доликува на свесна и прогресивна младина! Воедно, ги повикуваме граѓаните од сите возрасти, верски, етнички и партиски припадности да ни се придружат на предновогодишниот Марш за воздух, и да им помогнат на нивните деца во оваа битка!”