Претседателот на Комисијата за европски прашања на Собранието Артан Груби, со членовите на Комисијата, г.Бетиане Китев, г-ѓа Магдалена Манаскова г-ѓа Елизабета Канческа Милевска и г-ѓа Теута Билали, денес имаа средба со делегација на Постојаната комисија за европски прашања на Холандскиот парламент, предводена од претседателот на Комисијата, г. Хајке Велдман, во придружба на членот на Комисијата г.Анне Мулдер и Амбасадорот на Кралството Холандија во земјава, г. Дирк Јан Хол.
На средбата Г. Груби информира за најновите случувања во земјата, при што се осврна на претстојните парламентарни избори, закажани за во април годинава, како и на досега реализираните реформи, кои од нас ги бара ЕУ. Во тој контекст, информира за реализацијата на Охридскиот рамковен договор и на Преспанскиот договор, на Стратегијата за реформи во правосудниот систем, и дека во собраниска процедура се двата предлози на закони за Јавното обвинителство и за изменување и дополнување на Законот за Советот јавни обвинители на РМ. Изрази надеж дека Собранието ќе успее да ги донесе двете законски решенија до распуштањето на Парламентот, и дека тоа ќе резултира со добивање на датум за почеток на преговорите на Советот во март или во мај оваа година.
Од холандска страна беше истакнато дека е важно овие два закони од областа на правосудството да се донесат што поскоро, со консензус, со цел да се направи чекор напред во борбата со корупцијата, што е многу важен критериум за ЕУ земјите членки да дадат зелено светло за почеток на преговорите на Советот во Загреб оваа година.
Во дискусиите на членовите на Комисијата, г.Бетиане Китев, г-ѓа Магдалена Манаскова, г-ѓа Елизабета Канческа Милевска и г-ѓа Теута Билали, беше потврдена заедничката определба на сите политички партии за европската перспективата на земјата, и во тој контекст на нивната посветеност за реализација на европските реформи. Притоа, беа изразени и мислења за новата методологија за проширување на Европската комисија, со укажување дека станува збор за посложени механизми за зачленување на новите земји аспиранти, што ќе изискува и професионална и стручна администрација и експертска поддршка во процесот на преговорите. Заеднички беше искажана заложба за понатамошно работење на реформите во земјата,не само во законодавната сфера, туку и на нивна имплементација во праксата.