Лилјана Поповска се збогуваше со Собранието

Сподели

 

“Денеска е мој последен ден во македонското Собрание и мое последно обраќање како пратеничка. Како што поодамна најавив, нема веќе да се кандидирам. По 18 години излегувам доброволно, без болест и при здрав разум, откако пред 1 година на ист начин се повлеков од претседател на партијата ДОМ, оставајќи зад себе спремен кадар да ја води.

Очекував пристојна политичка атмосфера на крајот, зашто, нели, сите сме за избори. Наместо тоа, имаме тензична атмосфера и дијаметрално поделени ставови. Како причина се посочува Законот за јавно обвинителство, кој е оставен за самиот крај на овој мандат.

Жалам што двете страни во долгите преговори за Закон за јавно обвинителство не најдоа заеднички именители и не носиме усогласен закон. Тој секако би бил со помалку дефекти, недоречености и празнини кои даваат можност за различно толкување и примена. Причина за ова е неспособноста да се договориме што ни е важно, што се црвени линии, што смее, а што не смее да се дозволи во државата. Причина е, за жал, огромната поделеност и недоверба помеѓу партиите.

Дел од од колегите се вознемирени од можноста да се донесе овој закон, па тоа да биде причина за селективно казнување на партиски членови и поддржувачи. Како доказ наведуваат имиња и големи бројки притворени и осудени лица на, како што сметаат, несоодветни драконски казни. За некои случаи се согласувам со нив, зашто на пример, има нелогична казна од 9 години за јавна набавка со која не е направена никаква материјална штета. Или, казни од 15 години за лица осудени за наводен „тероризам“, а кој беше очигледен обид за пуч и преземање на власта со примена на насилство. Се разбира, тоа повлекува соодветни казни, но во друга категорија. Ги разбирам колегите и нивното стравување дека овој закон може да се злоупотреби, ако го применуваат нестручни и неодговорни луѓе. Затоа што веќе сме виделе такви злоупотреби не еднаш, поради што граѓаните од сите бои имаат многу ниска доверба во судскиот систем. Очигледно, неопходна ни е ревизија на работењето на некои обвинители и судии, како и на некои судски случаи.

Друг дел од колегите треперат од можноста да не се донесе овој закон, па тоа да биде причина за недоволно добар извештај од ЕУ, кој ќе им послужи на некои земји како изговор повторно да го блокираат почетокот на преговорите со Македонија. И оправдано е ова стравување, зашто со децении Македонија е блокирана непринципиелно со поставување севозможни барања што се надвор од меѓународното право и од здравата логика. И прифативме некои од тие барања, за да не биде Македонија поделена, во време кога се цртаа нови граници на Балканот. Послабиот го прифати условувањето на посилните, зашто сакавме и сакаме да влеземе во клубот кој обезбедува трајна иднина на Македонија и добар живот на македонските граѓани. За да живеат спокоен, достоинствен и квалитетен живот во својата земја. Македонската одисеја продолжува и не можам да тврдам дека токму во март ќе го добиеме одамна заслужениот датум. Но не сме во положба да ја ризикуваме оваа хипотетичка можност за конечен почеток.

Почитувани колеги, на сите Ви благодарам за соработката и Ви посакувам поспокоен живот во иднина, независно кој ќе биде овде во парламентот, а кој надвор од него. И мислете на Македонија и на македонските граѓани во секој момент и секоја одлука што ќе ја носите во нивно име” – изјави пратеничката Лилјана Поповска.