ПОПГМ: Наместо фактор на стабилност, Иванов станува поттикнувач на конфликтот

Сподели

POPGM-620x360

Партијата на обединетите пензионери и граѓани на Македонија (ПОПГМ) најостро ги осуди последните ставови на претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов, и ги оценува како лицемерни, конфузни, пристрасни, штетни и недржавнички.

„Вџашени сме од обидот за повторна измама на сопствените граѓани, како и од лицемерието, шарлатанството, конфузијата, пристрасноста и од недржавничкото однесување на претседателот“, се вели во нивното соопштение.

Во ПОПГМ сметаат дека е несериозно претседателот да тврди дека поради „активности на паралелна мрежа и безбедносни пропусти“ и „олеснувачи кои извршиле притисок на одредени политички партии“, се продлабочила политичката криза во Република Македонија.

За измама го сметаат и ставот на претседателот „дека поради недостиг од време за водење квалитетни истраги СЈО потфрлило“, зашто тој со своите сервилни постапки, со намера и со цел да го заштити својот политички ментор од можна кривична одговорност, прави секакво можно попречување на работата на ова обвинителство, сега и со оспорување на неговиот законски легитимитет и непристрасност.

Од партијата сметаат дека претседателот со покажаното неразбирање и непознавање на своите уставни ингеренции за употреба на армијата, шарлатански ја девалвирал АРМ и ја злоупотребува гардиската единица во неуспешниот обид за самопромовирање и за градење „култ на државник“.

„Со своето однесување наместо да биде фактор на стабилност и на помирување помеѓу спротивставените политички опции, поставајќи се заштитнички кон партијата од која потекнува, ги продлабочува недоразбирањата и станува поттикнувач на конфликтот, со што дополнително ги застрашува граѓаните“, се вели во соопштението.

ПОПГМ: Наместо фактор на стабилност, Иванов станува поттикнувач на конфликтот