Со дневни температури од околу 30 Целзиусови степени и температура на езерската вода од 22 степени, Охрид викендов пулсира како среде туристичка сезона. Убавото и топло време ги наполни плажите, а навечер полни се шеталиштата и летните бавчи во градот.
Центарот за јавно здравје информира дека температурата на водата во Охридското Езеро е натпросечна за овој период од годината.
Најголемиот број од гостите се од земјава, но на паркинг местата можат да се забележат голем број возила и автобуси со регистерски таблички од земјите од соседството. Има и голем број гости од Западноевропските земји.
Во Охрид започнаа и културните манифестации што дополнително ги привлекуваат туристите. До 28 јуни се одржува меѓународниот фестивал „Словенечки денови во Охрид“ или „Словенија во Охрид“, на која има околу 600 учесници од Словенија, претставници на аматериски културни друштва.
Во блиското Вевчани, отворена е 7. ликовна колонија „Вевчански видувања“ на која учествуваат 25 еминентни ликовни уметници од седум странски држави и од земјава.
Отворањето на колонијата беше посветено на големиот ликовен уметник, македонскиот академски сликар Григор Чемерски, кој почина неодамна.