Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство го отвори првиот фонд за парична помош на жени жртви на насилство кои сакаат да ја напуштат насилната средина – Интервентен женски фонд. Отворањето и промоцијата на фондот се случи во рамките на глобалната кампања „16 дена активизам против насилство врз жените“ во 2017 година.
Идејата за ваков фонд постои одамна, особено земајќи го предвид фактот што голем дел од жените жртви не го пријавуваат насилството и не ја напуштат насилната врска поради економската ситуација и недоволната финансиска моќ да ги покријат сите трошоци. Одлуката за отворањето на овој фонд дојде по донацијата од страна на претходниот градоначалник на општина Центар, Андреј Жерновски, кој за 8 Март (2017 година), на Националната мрежа ѝ донираше 90.000 денари – средства пренаменети од осмомартовската прослава. Оваа донација е и првата донација во Фондот.
Фондот е наменет за помош на жени кои се жртви на насилство и кои сакаат да ја напуштат насилната средина. Иницијалната помош е за обезбедување медицинска документација, извештаи од специјалисти, ангажирање адвокат до моментот на добивање бесплатна правна помош, како и други итни мерки за поддршка на жената да излезе од насилната врска.
Националната мрежа има изготвено критериуми за тоа кој би можел да добие средства од фондот, како и за процесот на доделување на средствата. Критериумите се регулирани во Правилник за користење на средствата од Интервентниот Женски Фонд.
За полнење на фондот, покрај повикот до локалната самоуправа и до приватните фирми, Националната мрежа ги повикува и сите физички лица кои сакаат да помогнат на жените жртви на насилство, да донираат на следниве броеви за донации:
А1 – 143 477
Телеком – 143 300
Жиро сметка: 200003247799194 – Стопанска банка АД Скопје