Професорот Петар Атанасов реагира откако Универзитетската изборна комисија на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) не му ја прифати кандидатурата за ректор на претстојните избори, додавајќи дека сè што се случувало околу овој избор на ректор и преземените активности од страна на Комисијата се незаконски, нестатутарни и скандалозни.
“Ние, двајца од 7-те кандидати за избор на ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, проф. д-р Петар Атанасов и проф. д-р Вујица Живковиќ, во текот на вчерашниот ден 15 јуни, поднесовме приговор до Универзитетската комисија за избор на ректор, поради, според нас, преземени активности што не се во согласност ниту со Уредбата на Владата, ниту со Законот за високо образование, ниту со Статутот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Еве го Приговорот:
До Универзитетската изборна комисија
Предмет: Приговор
Почитувани,
„Начинот на продолжување на постапката за избор на ректор, како и новиот роковник објавен на сајтот на УКИМ (во недела на 14 јуни), мислиме дека уште повеќе ја компромитира регуларноста на целата постапка. За да не влеземе во активности кои и Вас како Комисија а и нас како кандидатите ќе не стави во непријатна состојба, го поднесуваме овој Приговор.
Во таа смисла сметаме дека:
Конкурсот за последниот (петти) ден, требаше да биде објавен на истиот начин како и првиот пат, во две јавни гласила и на страната на УКИМ. Дали на овој начин (преку мејл во 23:55 часот на 14 јуни во недела) е во ред да се информираат кандидатите кои поднеле документи во рок кој не е валиден, и дали на овој начин е оневозможено други кандидати да конкурираат, што е сосема неуставно.
Зошто роковите на валидност на комисијата се продолжени после 26. 06. 2020, кога претходно објаснувавте дека после тој датум Комисијата е невалидна, затоа што мандатот на членовите истекува на 26.06.2020 год., кога според Статутот по ова прашање единствено толкување може и треба да даде Сенатот?
Вие како комисија не можете да ја толкувате Уредбата на Владата СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ И ДОПОЛНУВАЊЕ НА УРЕДБАТА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ПРИМЕНА НА ЗАКОНОТ ЗА ВИСОКОТО ОБРАЗОВАНИЕ ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА во делот дека „Спроведувањето на останатите дејствија за избор на раководни органи на високообразовните установи, кои започнале пред влегување во сила на оваа уредба со законска сила, продолжуваат по престанокот на траењето на вонредната состојба и по престанокот на ограничувањата утврдени со закон“, односно Вие да констатирате дека нема други ограничувања утврдени со закон. Толкување може да даде само орган кој ја донел Уредбата, односно во овој случај Владата на Република Северна Македонија.
Пред да продолжите со какви било активности, единствено што сте должни да направите а притоа да не ги пречекорите своите надлежности, е да побарате толкување од Владата.
Во таа смисла, бараме од Вас веднаш да ги стопирате сите преземени активности.“
Бидејќи од вчерашниот ден (15 јуни) повторно се воведува вонредна состојба, бараме Комисијата за избор на ректор ДА СИ ПОДНЕСЕ ОСТАВКА а институциите на државата да ги санкционираат овие противзаконски дејства во веќе целосно компромитираната и дискредитирана постапка”, – објави на својот фб профил, професор Петар Атанасов.