Одлуката на Велика Британија да ја напушти Европската Унија го става целиот проект на ЕУ за евроинтеграција на пауза, соопшти денеска американскиот претседател Барак Обама.
Обама за „Ен-пи-ар“ денеска изјави дека Брексит доведе до пресилна реакција низ целиот свет.
– Се создаде мала хистерија по гласањето за Брексит, небаре НАТО исчезна, трансатлантската алијанса се распадна, а секоја држава поита кон својот ќош. Тоа не е тоа што се случи – рече Обама.
Тој рече дека нема да ја „пренагласува“ оваа хистерија.
– Сметам дека најдобар начин да се гледа на ова е да се рече дека е притисната копчето за пауза на проектот за целосна европска интеграција – рече Обама.
Според американскиот претседател, Брексит во голема мера е последица на тоа што ЕУ „веројатно се движи пребрзо и без премногу консензус“.
Обама ја посочи Норвешка, која не е членка на ЕУ, но има пријателски односи со Унијата.
– Доколку за двете години, колку што ќе траат преговорите меѓу Англија и Европа, Велика Британија ги оконча врските со Европа, како што тоа е случајот со Норвешка, тогаш просечниот човек нема да забележи некоја голема разлика – вели Обама.
Одлуката на Велика Британија да ја напушти ЕУ предизвика паника во светот, која придонесе за пад на акциите во услови на финансиска и на политичка несигурност. На 23 јуни, најмалку 51,9 отсто од гласачите биле за напуштање на Унијата.