На денешната пленарна седница, пратениците во Собранието без присуство на опозицијата дадоа зелено светло за формирање на новиот универзитет „Дамјан Груев“.
„За“ гласаа 67 пратеника, а шест беа „против“ универзитетот за одбрана, безбедност и мир.
Независната пратеничка Солза Грчева смета дека со формирање на овој универзитет се прави обид за создавање паралелен систем и за дисквалификација на УКИМ.
– Јас овој проект го гледам како штетен политички проект кој ќе нанесе само поголем удар на високото образование. Штета е што опозицијата не го истера ова докрај и дозволи формирање на овој универзитет. Ова го третирам како политички проект без никаква стратегија – рече Грчева.
Заменик-министерот за образование, Спиро Ристовски, тврди дека идејата е да се зголеми квалитетот на високото образование, а не одмазда или обид за вдомување партиски кадри. Ристовски додаде дека идејата за основањето на универзитетот е да се зголеми квалитетот на високото образование.
Орхан Ибраими од ДПА смета дека новиот универзитет е навреда за Албанците зашто универзитетот не предвидува ниту една насока на албански јазик.