Под маските на малограѓаните, во нашиот зачмаен град, всушност, живеат и се кријат несреќни луѓе, емоционално сакати богаташи, искомплексирани бирократи, завидливи лумпенпролетери, исфрустрирани полуинтелектуалци…
Во таа тажна приказна, оставинските расправи и запечатените тестаментални писма ја играат најважната улога, а редовно се појавуваат дежурните интриганти кои телефонираат, клеветат по социјалните мрежи на интернет, со полушепот зборуваат некакви полувистини за своите комшии и познаници, измислуваат за да создадат и заплеткаат брачни афери… Како на карневал, на главната градска улица, пред нас се редат безбројно многу лица-маски со, навидум, уредени и тивки животи, цела една малограѓанска галерија на беспомошни, мрсулави, плачливи, досадни, но, воглавно, сити и здрави луѓе, кои, всушност, со својата малограѓанска нискост го влечат овој гнил град наназад, како локомотива поставена на грешната страна од времето.
Нискоста е спротивна на горделивоста и се карактеризира со синдромот на „еластична кичма“. Коленичењето и виткањето, полтронизмот и лигавењето, пред оние за кои се смета дека се посилни и моќни, постоело секогаш низ историјата, но се чини дека денешниве наши малограѓани овие свои негативни карактеристики ги развиле до крајни граници. Нискоста кај малограѓаните произлегува од нивната слабост и нерешителност, од нивната мисла дека не можат да опстанат со сопствени сили, па заради тоа срамно се понижуваат пред оние од кого очекуваат некаква корист, или од оние за кои мислат дека имаат политичка и финансиска моќ па можат да им наштетат или помогнат.
Се чини дека нискоста, која Рене Декарт ја нарекува со друго име – порочна понизност, е онаа малограѓанска карактеристика која е најодвратна од сите останати малограѓански карактеристики. Во вековната магла на робување за туѓите господари, нашите малограѓани од редовите на ситната буржоазија и робовите, единствено научиле дека животот им е даден од Бога за да им служат на моќните и богатите, дека сосема нормално е пред нив да ползат и молат за корка леб и дека нема никаква потреба ваквиот кучешки живот да се менува. Гледајќи ги работите и мерејќи ги настаните со ваквото „историско“ искуствено мерило, нашите малограѓански народни мудреци не се возбудуваат за ништо, не чувствуваат никаква морална одговорност, за сè имаат објаснување, а малограѓанската ропска молчалива трпеливост им е траен и непроменлив modus vivendi.
И малограѓанската религиозна понизност е аморална и гнасна, не само од причина што е глупава и бесмислена, туку и затоа што е, пред сè, функционална. Имено, дури и Бог за нив е само функција, оти е ставен во служба на нивните етички квазинорми, во служба на нивните најниски овоземни потреби. Бог за нив е „оној што сè гледа“ и „оној што сè знае“, односно оној што го гледа и она што не постои и го знае она за кое не може ништо да се знае, затоа што како таков им овозможува да се повикуваат на неговото „гледање“ и „знаење“ кога озборуваат и клеветат. Духот на малограѓанскиот нормативистички бог се операционализира главно во етичка смисла, затоа што им служи за да си ги оправдаат и простат пакосните нискости, односно сè она што нашите малограѓани го прават или за да им наштетат на луѓето околу себе, или за да создадат материјални придобивки за себе.
Порочната понизност која царува насекаде во овој град, го претвора животот на малограѓанските медиокритети во вечно лигаво, мрсулаво, податливо, полтронско, сервилно клањање. Го претвора во вознемирена непостојност, во треперливо и немирно секојдневно егзистирање, какво што е егзистирањето на некаква тенка билка на ветровите од времето. Потребни му се на овој град стамени луѓе, луѓе со самосвесна гордост и достоинствено чувство за сопствената вредност, знаење и морална чистота. Луѓе што се наоѓаат во високите бистри предели, луѓе над национализмите, фашизмите, политичките криминали…, над сè она што се случува во тињата на малограѓанските низини и нискостите на духот човечки. Само таквите луѓе ќе го направат овој морално банкротиран град подобар и поубав.