Работата на Специјалното јавно обвинителство претставува политичка пресметка, оцени поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, во интервјуто за српскиот весник „Политика“.
– Ме обвинуваат дури и дека би ја напуштил државата. СЈО треба да биде независно, а сега настапува како златна рипка и ги исполнува желбите на Зоран Заев. Токму негова единствена и најсилна желба е мене да ме нема како противник. Знаат граѓаните кој работел често и искрено, а кој крадел и манипулирал. Навистина е непријатно кога ќе чуете дека едно лице, аболирано за криминал тежок осум милиони евра, јавно говори за следните чекори на обвинителството – вели Груевски.
Тој понатаму истакнува дека Заев е главен советник и налогодавец на СЈО.
– Тоа е особено понижувачки за една институција која треба да биде независна, неселективна и професионална. Сега, врз основа на неговите наредби, се обидуваат да креираат случаи. Тој падна толку ниско што сега мора да плаќа правници да го бранат во медиумите. Нема правници, освен оние кои ги платиле Заев и СЈО, кои ќе речат дека барем во некој дел е одржливо нивното обвинение – вели Груевски и додава дека СЈО имало шанса да остави белег и да ги расчисти конструираните афери, но го избрало полесниот пат, да тргне во правец на Заев и да си го извалка образот со тоа што ќе го напушти правото и ќе се вмеша во политика.