И овој викенд продолжија активностите на екипите на Градскиот инспекторат со поддршка на Еко-патролата на ЈП „Комунална хигиена“, каде беа спроведени акции за контрола на јавните површини, а во врска со непрописното фрлање отпад.
За време на овие акции, во контејнер за комунален отпад поставен во близина на СЦ „Борис Трајковски“, пронајден е несоодветно фрлен медицински отпад (шприцови). Инспекциските служби во наредниот период ќе работат на пронаоѓање на лабораторијата која несоодветно го одложила медицинскиот отпад, по што истите ќе бидат санкционирани.
Во текот на вчерашниот денот беа контактирани и специјалните служби на ЈП „Дрисла“ кои со специјална опрема го превзедоа медицинскиот отпад и истиот го транспортираа до депонијата каде ќе биде соодветно третиран.
Градот Скопје апелира до граѓаните да ја чуваат животната средина и јавните површини од загадување, а отпадот од домаќинствата да го одлагаат исклучиво во контејнерите наменети за комунален смет.
За потсетување, ЈП „Комунална хигиена“ воведе новитети кај услугата за собирање и транспорт на кабастиот отпад од домовите на граѓаните. Жителите на градот Скопје коишто имаат потреба да се ослободат од својот стар мебел и неупотребливите електронски и електрични уреди, можат на бесплатниот телефонски број 0800 222 33 да ја нарачаат услугата за подигнување и транспорт на отпадот со специјалните возила на ЈП „Комунална хигиена“. Со воведените измени на услугата, граѓаните ќе имаат можност да ја одберат опцијата нивниот кабаст отпад да биде преземен директно од внатрешноста на домот, без разлика дали станува збор за индивидуални или за колективни домаќинства. Услугата за собирање кабаст отпад од домовите на граѓаните се наплатува во согласност со ценовникот на ЈП „Комунална хигиена“.
Градот Скопје апелира до сите компании кои работат со медицински отпад, да се придржуваат до законските прописи и постапки за одлагање и третирање на овој отпад.