“Судот за поттикнувачите на насилствата пред Општина Центар Никола Груевски и Миле Јанакиески треба да бидат најстроги за да се одвратат сите други од такви намери во иднина”, изјави во завршниот збор обвинителката Фатиме Фетаи на денешното судење за насилствата пред Општина Центар во јуни 2013 година.
Фетаи рече дека од снимените разговори се слуша како првообвинетиот Груевски на 1 јуни 2013 година телефонски од второобвинетиот Јанакиески побарал да се организира протест на поголема група луѓе пред Општина Центар, пренесува ТВ21.
– Груевски заедно со Јанакиески преку лицето Томислав Лазаров ги поттикнале лицата градоначалникот Андреј Жерновски да добие неколку шамари и биде исплашен од десетина лица на протест, посочи Фетаи.
Конечно, тоа што двајцата телефонски договараат, и се случува на 7 и 10 шестти 2013 година.
– Не само што протестираат, туку и ја кршат оградата и прозорците на општинската зграда. Единствено нешто што не се случува е тоа што загрижен граѓанин не удрил шамар на градоначалникот. Ова е единствено отстапување од замисленото дело. Настаните кои следуваат, само ја потврдуваат автентичноста на разговорот, изјави Фетаи.
Сето ова, според Фетаи, го потврдуваат и изјавите на сведоците.
– Предлагам судот да ги прогласи виновни и да им изрече соодветни казни, а притоа да се има предвид и интензитетот на дејствијата. За поттикнувачите немам сомнеж дека треба да бидат најстроги за да се одвратат сите други од такви намери. Во однос на извршителите, сите ги извршиле дејствијата, меѓутоа само за Игор Бошковски предлагам алтернативна казна поради интензитетот на неговите дејствија, изјави Фетаи.
Адвокатот по службена должност, на првообвинетиот Никола Груевски, рече дека целото дело се докажува само со еден разговор што е нелегално прибавен и го оспоруваме.
– Помилувањето за ова дело за Никола Груевски не може да се отповика. Тоа постоела во моментот на покревање на ова обвинение и судот не смеел да го прифати, изјави бранителот на Груевски.