Пендаровски на средба со Асоцијацијата на поранешни членови на ЕП

Сподели

 

Претседателот Стево Пендаровски денеска оствари виртуелна средба со делегација на  Асоцијацијата на поранешни членови на Европскиот парламент (FMA).

Делегацијата е составена од 15 поранешни членови на Европскиот парламент од Германија, Италија, Франција, Велика Британија, Шпанија, Грција и Словенија и е предводена од Ханс-Герт Потеринг, актуелен претседавач со Асоцијацијата и поранешен претседател на Европскиот парламент.

На средбата беа разменети мислења и информации околу евроинтеграцискиот процес на Република Северна Македонија и напредокот во клучните реформски области, како и за актуелните случувања во ЕУ од аспект на пандемијата на Ковид-19.

Претседателот Пендаровски изрази задоволство од континуираната и принципиелна поддршка што ја добива нашата земја од Европскиот парламент и истакна дека со оглед на постигнатиот напредок Северна Македонија заслужува и е подготвена да ги отпочне пристапните преговори за членство во Европската унија, a  интегрирањето на Северна Македонија и на земјите од Западен Балкан во Европската Унија  е во интерес на регионалната безбедност и просперитет.

Поранешните  европратеници ги поздравија заложбите на претседателот Пендаровски за градење на добрососедски односи со сите соседни држави и посветеноста на регионалната соработка и имплементирање на европските стандарди во земјата.

Виртуелната средба на претседателот Пендаровски со европратениците е дел од програмата – Студиска посета на Северна Македонија со цел промоција на конструктивен дијалог и поддршка на парламентарната демократија.