Бигорскиот манастир слави 1.000 години од основањето (ВИДЕО)

Сподели

 

Во недела, на 18 октомври, ќе биде одржана главната и централна прослава на великиот јубилеј, 1.000 години од основањето на Бигорскиот манастир.

Во сабота, на 17 октомври, со почеток во 18:00 ч. ќе биде отслужена архијерејска Вечерна богослужба, на којашто молитвено ќе претстои нашиот почитуван надлежен архиереј, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј.

Во недела, на 18 октомври, со почеток во 9:00 ч. ќе биде отслужена Божествена архијерејска Литургија, со којашто ќе чиноначалствува Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан, во сослужение со своите собраќа од Светиот Синод на МПЦ-ОА.

По завршетокот на Литургијата, со пригодно слово кон присутните ќе се обрати Архиепископот г. г. Стефан, а после него и покровителот на прославата, Претседателот на државата г. Стево Пендаровски.

Во продолжение, од страна на Митрополитот г. Тимотеј и Епископот г. Партениј ќе бидат доделени ордени и благодарници на заслужни поединци и организации, кои дале значителен придонес за благолепието на Бигорски и за неговата евангелско-просветна мисија.

 

 

Со цел запазување на мерките за здравствена заштита, целата програма на 18 октомври, вклучително и светата богослужба, ќе се одвива на отворено, во дворот на манастирот, каде што ќе биде поставена монтажна бина, а исто така и видео-екран. На неколку места ќе има пунктови за дезинфекција, а носењето маски и одржувањето на потребното растојание, ќе бидат задолжителни. За доследно запазување на споменатите мерки ќе биде ангажирана професионална и лиценцирана екипа на редари.

По тој повод е објавен пригоден видео спот „1000 години Бигорски манастир“, специјално подготвен за милениумскиот јубилеј од страна на продукциската куќа „Дрим фектори“.