Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги ги осудува заканите со тужба од страна на директорката на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност упатени кон онлајн медиумот А1он поради објавување текстови поврзани со ЕУ проекти спроведувани од оваа Агенција.
Заканите за тужби, наместо сопоставување аргументи или користење на правото на исправка или одговор претставуваат директен притисок врз работата на медиумите и обид за цензура. Оттаму секој вид на закани и притисоци врз новинари претставуваат загрозување на слободата на информирање и се апсолутно неприфатливи.
Во ниту еден момент не треба да се заборави дека улогата на медиумите е да отвараат прашања од јавен интерес и треба да се поттикнуваат темелно и професионално да ги извршуваат своите обврски и навремено да ја информираат јавноста. Истовремено, медиумските работници треба да се придржуваат до новинарските стандарди, да ги проверуваат информациите пред нивното објавување и да ги земат предвид сите релевантни извори, соопштуваат од ААВМУ.