Нацрт-законот за прогласување на дел од Шар Планина за национален парк ќе се одржи на 5 ноември

Сподели

 

Јавната расправа за Нацрт-законот за прогласување на дел од Шар Планина за национален парк ќе се одвива онлајн, а само мал дел од консултациите со локалното население ќе се одржат со директни средби на терен во мали групи. Министерството за животна средина и просторно планирање денеска информираше дека закажаните четири јавни расправи што требаше да се одржат во општините Тетово, Гостивар, Теарце и Врапчиште и беа откажани заради зголемените бројки на заболени од коронавирусот, дефинитивно нема да се реализираат со физичко присуство. Главната јавна расправа ќе биде одржана на 5 ноември на платформата ЗООМ и ќе има обезбеден симултан превод на македонски и албански јазик.

Министерството информира дека во текот на следните две недели, на национални и локални телевизии, како и на социјалните мрежи, ќе се емитува информативна видео презентација на македонски и на албански јазик, во која ќе бидат споделени утврдените природни вредности и предложени зони од Студијата за валоризација на Шар Планина и ќе биде претставен Нацрт-законот, како и упатства каде и како можат да се достават коментари и забелешки.

Со невладините организации, градоначалниците од регионот, ЗЕЛС, претставници на месните заедници и со стопанските комори и локалните бизниси од 26 до 30 Октомври ќе бидат организирани три фокусирани посебни консултации кои ќе се одржат онлајн. Во истиот период ќе се спроведат и директни средби во помали групи со руралната заедница за сослушување на локалните потреби и унапредување на традиционалните активности во идното заштитено подрачје.

„Во целиот период е достапна и отворена телефонска линија во Архус Центарот за доставување на забелешки и коментари по Нацрт-законот: 070/ 666- 230; 076/ 319- 503 и 076/ 319 -501. Истовремено потсетуваме дека консултацииите со јавноста во целиот период се отворени. Нацрт- законот е достапен на ЕНЕР и на веб страницата на МЖСПП, а забелешки и коментари можат да се доставуваат постојано, а најдоцна до 15 ноември 2020 година. За точното време на реализација на поединечните активности дополнително ќе најавуваме соодветно“, информираат од Министерството.

Јавните расправи се дел од постапката во донесувањето на законот со кој треба да се стави во заштита природата и биодиверзитетот на еден од најуникатните предели во земјата, преку прогласување на дел од подрачјето за национален парк. Граѓанските организации неодамна апелираа дека најголемите опасности за Шар Планина, концесиите за малите хидроелектрани, нелегалната сеча на дрвја, криволовот и насилната урбанизација ќе останат ризици и по прогласувањето и дека ќе мора што поскоро да се решат. Ова особено се однесува на малите хидроцентрали и заробувањето на водотеците на малите реки, кои се неопходни за опстанок на биодиверзитетот на планината.

Од Македонското еколошко друштво очекуваат на јавната расправа да има конкретни одговори во однос на тоа како ќе се управува идниот национален парк, како и кои ќе бидат дозволените и забранетите активности во посебните зони на управување.

„Покрај „малите“ хидроцентрали, илегалната сеча на дрвја, криволовот и постојаната урбанизација, односно никнувањето на илегални градби низ планината, постојат и идеи за пробивање на нови патишта, пренамена на земјиште и слично. Законот за прогласување на националниот парк и Планот за управување во идеален случај би требало да стават крај на овие отворени прашања, што не значи дека проблемите ќе згаснат со донесување на законот. Идното тело за управување ќе има многу работа на контрола на овие појави, едукација на населението и овозможување на активности кои ќе имаат придобивки од воспоставената заштита“, посочија неодамна од МЕД.

мета.мк