Силвија Перез Круз го отвора 19. издание на OFFest

Сподели

 

Денска со почеток во 20. часот во Македонската филхармонија почнува 19 издание на OFFest, со настапот на Силвија Перез Круз.

 

 

Извонредната каталонска пејачка Sílvia Pérez Cruz, еднакво позната во џез, фадо и во фламенко круговите, со текот на годините прерасна во исклучителен музички раскажувач. Растела во музичко семејство, изучувајќи џез пеење, пијано и саксофон. За време на студиите во Барцелона, заедно со три пријателки, ја формира фламенко групата Las Migas, којашто добива сериозно внимание и огромна популарност низ цела Шпанија. Нејзината соло кариера започнува на 27-годишна возраст, компонирајќи своја музика и развивајќи индивидуален стилски израз. Пее претежно на шпански, каталонски и португалски, а има соработувано со музичари како Joan Manuel Serrat, Jorge Drexler, Natalia Lafourcade, Gino Paoli, Javier Colina, Hamilton de Holanda, Rocío Molina, Toquinho и многу други. Има снимено 6 албуми, од кои два станаа „златни“, 11 de Novembre и Granada. Таа, во исто време, редовно пишува музика за филм, театар и танцова продукција, за што има добиено бројни награди. Се чини дека постои консензус околу една работа кога станува збор за нејзините настапи: без разлика дали пее свои песни или преработки, нови или стари композиции, на овој или оној јазик, на сцената секогаш на крајот доминира еден јазик – јазикот на емоциите.

 

Новиот проект на Silvia, „Farsa“, претставува песни што таа ги напиша во содејство со други уметници и различни уметнички дисциплини: театар, филм, танц, сликарство, фотографија, поезија. Последните примери (сите од 2018) ги наоѓаме во филмот „La noche de 12 años“ (Дванаесетгодишна ноќ), оригиналната музика за делото „Grito Pelao“ со танчерката Rocío Molina и нејзините композиции за драмата „Cyrano“ со Lluís Homar. Во духот на ваквиот интердисциплинарен дијалог и воедначеност со целиот проект, значајна е и поврзаноста на фотографијата и песните. Silvia исто така го дава и својот лик за потребите на артистичкиот мејкап, нејзиното лице служи како сликарско платно, директно инспирирано од музиката.

denesmagazin.mk