На иницијатива на сопругата на претседателот, Елизабета Ѓоргиевска, вчера вечер се одржа панел дискусија на тема „Органодарителство – состојба и предизвици“, чија цел е подигнување на јавната свест за дарување на органи и развој на трансплантацијата во нашата држава.
Во своето обраќање пред присутните, Ѓоргиевска истакна дека во исклучително тешки услови, кога фокусот на македонскиот здравствен систем е насочен во борбата со пандемијата на КОВИД-19, во нашата земја годинава за прв пат беше изведена трансплатација на срце, a се извршија и десет трансплантации на бубрези.
„Се разбира, предизвиците што доаѓаат со органодарителството и со трансплантацијата се навистина огромни, дури и за системи коишто се далеку посовршени од нашето здравство, но знаењето, подготвеноста, капацитетите и, пред се, она што е најважно, ентузијазмот на сите оние коишто се вклучени во самиот процес, верувам дека и понатаму ќе резултираат со успех“, рече Ѓоргиевска.
На настанот, на кој присуствуваше претседателот Стево Пендаровски и студенти, членови на Македонската медицинска студентска асоцијација и Здружението на студенти по медицина, меѓу говорниците беше Маре Кежароска, којашто пред две години заедно со својот брат, дала согласност да бидат донирани двата бубрези на нивната починатата мајка.
„Тешко е сознанието дека за твојот близок повеќе нема никаква надеж. Одлуката да донираш орган од твој близок, за којшто повеќе нема спас, воопшто не е тешка, затоа што знаете дека со сето тоа вие на некој му подарувате шанса за живот“, рече Кежароска.
Васил Огњановски, син на Иван Огњановски, на кого му беше трансплантирано срце во мај, на панел дискусијата истакна дека свеста за органодарителството треба да биде на повисоко ниво и повеќе да не претставува табу тема. Како што рече Огњановски, очекува што повеќе луѓе да го следат хуманиот гест на семејството на починатата Емилија Динева.
„Можам да кажам дека семејството Диневи не го чувствувам како семејство кое донирало орган, туку чувствувам како јас да сум роден во тоа семејство. Комуницираме речиси секој ден. Имав можност летото да го поминам кај нив. Тоа беше момент преполн со емоции на тага и на среќа. Немам зборови како да го опишам тоа. Благодарен сум на Господ што ми даде шанса да имам уште еден брат, уште една сестра, а можам да кажам дека и нивниот татко го чувствувам како свој втор татко“, рече Огњановски.
Министерот за здравство, Венко Филипче, оцени дека трансплантацијата е сфера која секогаш носи предизвици, бидејќи се изведува со мултисекторски и мултидисциплинарен пристап. Министерот Филипче истакна дека е важно да се подигне јавната свест за органодарителството, преку отворен пристап, преку споделување на информации, како и со споделување на успешните приказни.
„Трансплантацијата е зрак на надеж не само за пациентите, туку и за семејствата на пациентите, за нивните пријатели, но и за општеството“, рече министерот Филипче.
Според д-р Маја Мојсова Мијовска, Национален координатор за трансплантација, органодарителството е општо прифатена и успешна метода на лечење, што го продолжува животот, го подобрува неговиот квалитет и е економски исплатлива, бидејќи, како што нагласи, чини многу помалку од сите други методи на одржување во живот на пациентите.
На панел-дискусијата, д-р Сашо Дохчев, шеф на тимот за трансплантација на Клиниката за Урологија посочи на потребата за поддршка од Владата, Министерството за здравство, Фондот за здравство, но и од невладиниот сектор и медиумите за да се нагласи значењето на органодарителството и да се покрене свеста кај луѓето.
Своја презентација на панел-дискусијата имаше и д-р Сашко Јовев, кардиохирург, предводник на тимот којшто ја изврши првата трансплантација на срце во нашата држава, истакнувајќи дека тоа било резултат на неколку годишна подготовка и стекнатото дотогашно искуство.
Своите искуства пред присутните ги сподели и д-р Кристијан Бундовски, специјализант по васкуларна хирургија, којшто беше дел од тимот што ја изврши првата трансплантација на срце, нарекувајќи ја ноќ што испиша историја во македонското здравство и утро коешто, за време на пандемијата, во целата држава внесе надеж.
„Нашата клиника буквално во секој момент е подготвена да направи трансплантација, за што треба сите да бидеме горди, бидејќи тоа покажува дека само со поставена цел и со макотрпна работа можеме да постигнеме многу повеќе од она што се поклонуваме пред Хипократ“, рече Бундовски.
Душко Ѓорѓиев, претседател на Здружението на бубрежно болни граѓани „Нефрон“ апелираше трансплантацијата во државата да се одвива со уште позасилено темпо и на пациентите на дијализа што побрзо да им се овозможи трансплантација на бубрег, бидејќи како што рече, животот на дијализа е исклучително тежок, сложен и болен.
Данијел Тодоровски, претседател на Националното здружението „Храбро срце“, ја истакна потребата за унапредување на свеста за органодарителството.
„Ако 70 години се дарува крв и сега немаме проблем со крводарителството и со обезбедувањето крв за клиниките, ајде да почнеме да разговараме и за органодарителството, за можноста, за она што ние често пати знаеме да го кажеме – со една трансплантација на срце, ние пациентите од Храбро срце, што сме со механичка поддршка, можеме да станеме како вас, да живееме нормален живот. Но треба да сфатите дека сите вие во истиот момент можете да бидете на моето место. Тогаш, кога ќе почнеме вака да размислуваме, да разговараме отворено за овие работи, ќе можеме да разговараме и за успешни органодарителски акции“, рече Тодоровски.
Претходно, на тема органодарителство, Елизабета Ѓоргиевска разговараше со претставници на семејства чии блиски донирале и добиле орган, како и со чинители во здравствениот систем од областа на трансплантацијата.
denesmagazin.mk