По вчерашното јасно вето на Советот за општи работи, кога Бугарија преку министерката за надворешни работи јасно стави до знаење дека нема да ја прифати преговарачката рамка за Северна Македонија, односно нема да се согласи за почнување на преговорите за членство во ЕУ, денеска бугарскиот премиер Бојко Борисов порача дека неговата земја јасно ставила до знаење до каде може да оди со компромиси, но не покажувала инает.
„Но Скопје не покажа ангажман, сметајќи дека со притисоци и лобирање може да ја натераат Бугарија да ја смени својата позиција. Сепак, секогаш сме ја поддржувале евроинтеграцијата на Северна Македонија и решително ја поддржавме за членството во НАТО“, порача Борисов на денешната владина седница.
Тој рече дека Бугарија е подготвена да ги продолжи разговорите.
Текстот објавен на веб-сајтот на бугарската влада вели и оти Борисов потенцирал дека се водени десетици разговори, во кои биле вклучени и вицепремиерите Екатерина Захариева и Красимир Каракачанов, во обид да се дојде до компромис, за да не се случи Бугарија да биде земјата што ќе каже „не“ за вистинскиот почеток на преговори сега.
„Нашата позиција не е позиција на инает или позиција да ги сопреме нашите најблиски пријатели“, вели Борисов, нагласувајќи дека бугарската позиција е принципиелна и ги одразува очекувањата на сите бугарски граѓани.
Тој стави акцент на исполнувањето на Договорот за добрососедство и порача дека не смее да се користи антибугарска реторика.
Македонскиот премиер Зоран Заев, пак, синоќа во телевизиско гостување рече дека ваквото постапување на Бугарија се политики за собирање предизборни поени на политичките фактори, но не и желба, како што рече, на бугарскиот народ и на бугарскиот премиер Бојко Борисов.
Сепак, премиерот Заев е убеден дека постои можност за согласување со Бугарија до декември.