Градската управа на Загреб, главниот град на Хрватска, од денеска организира масовно бесплатно тестирање за антигени за корона вирусот, со брзи тестови коишто даваат резултати за 15 минути, се вели во соопштението објавено на официјалниот веб-сајт на Град Загреб.
Град Загреб за овој потфат набави 50.000 тестови со вкупна вредност од 3,5 милиони куни (околу половина милион евра). Акцијата ја спроведува Градската канцеларија за здравство во соработка со здравствените домови чиј основач е Град Загреб, а тестирањето ќе се врши секој работен ден на 12 локации.
Луѓето кои имале симптоми на корона вирус во претходните неколку дена може да се пријават за тестирање преку веб-сајтот brzitest.com.hr, по што му се закажува термин.
Основната цел на акцијата е да се тестираат околу 50.000 луѓе во што пократок рок, пред сè оние граѓани што имаат клинички симптоми на ковид-19, како и лицата кои оствариле контакт со потврдените случаи на болеста. Ако биде потребно, Градот ќе набави дополнителни тестови за сите кои имаат потреба да бидат тестирани.