Лажна Фејсбук-страна која се преставува дека е официјална Фејсбук страна на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ од Гази Баба шири антибугарска пропаганда, пишува Вистиномер.
На страната е објавено кратко видео на кое се гледа млад човек на кого не му се гледа ликот како го пали знамето на Бугарија, а во позадина се слуша една од химните на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ. Во објавата пишува Одговор за заедничка историја.
Видеото е вирално и за пет дена има речиси 3.000 прегледи, 2.300 реакции и 2.200 коментари од кои повеќето се расправии помеѓу македонски и бугарски корисници на социјални мрежи кои неретко содржат и говор на омраза.
Оваа Фејсбук-страна на која што е објавено видеото е лажна и не ја преставува официјалната Фејсбук-страна на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ од Гази Баба. Нивната официјална страна е Умс Гази Баба. Лажната страна, пак, е наречена ВМРО УМС Гази Баба. Слично зар не? И особено збунувачки затоа што двете страни имаат идентични профилни слики. А во тоа е и трикот на креирањето лажни страни, чија цел е да се престават како автентични и да ја измамат јавноста да поверува дека се работи за нешто кое е вистинито. Но доколку забележите внимателно, официјалната страна на УМС Гази Баба е регистрирана како политичка организација, а лажната страна не е. Официјалната страна има над 6.000 следачи, лажната 10 пати помалку односно 679. Лажната страна е креирана пред 6 дена, официјалната пред повеќе од пет години. Ова се многу важни информации, кои може да им помогнат на корисниците на социјални мрежи да препознаат лажна од автентична Фејсбук страна.
Според правилата за користење на Фејсбук, вакво неавтентично однесување односно лажно претставување е забрането. Со објавувањето на ова видео се лаже и манипулира јавност како небаре зад чинот на палењето на знамето да стои младинскиот подмладок на ВМРО-ДПМНЕ, зашто и страницата и постот содржат такви генералии.
Освен видеото со палењето на знамето, на страницата е објавена само профилна и кавер слика и споделено е уште едно видео од исто така лажна страница наречена Патриотски Институт На Вмро-Дпмне (во меѓувреме избришана), исто така, тазе креирана да шири антибугарска пропаганда. ВМРО-ДПМНЕ, во друга рецензија на „Вистиномер“ демантираше дека нивната партија има било каква врска со овој Патриотски институт, додавајќи дека институтот со слично име, кој партијата го основа неодамна, нема Фејсбук-страна.
Вакви објави на социјалните мрежи, кои ги има во двете земји, а многу често се објавуваат на страници наменски креирани за ширење на пропаганда, воопшто не помагаат ниту во преговорите, ниту за добрососедските односи на двете земји. Без разлика на моменталната ситуација, достоинството и минималното ниво на пристојност треба да се задржи, како кај политичарите, така и кај обичните граѓани, особено кај корисниците на социјални мрежи. Овој вид објави само одмагаат во оваа и така деликатна ситуација и имаат за цел само зголемување на нетрпеливоста и потпалување на омразата помеѓу двата народи.
пренесува мета.мк