Во периодот од 23 до 29 ноември, тестирани се вкупно 18.767 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање за присуство на SARS-CoV-2, што е за 4,6 отсто помалку во однос на минатата недела. Регистрирани сe 6.745 нови позитивни случаи од 35 градови во државата, со намалување од 9,9 отсто во однос на минатата недела, информираат од Министерството за здравство, согласно неделниот извештај на Институтот за јавно здравје.
Во овој период, пријавени се 206 смртни случаи од 25 града, незначително намалување за 1 отсто во однос на минатата недела. Во однос на возраста, 169 лица биле над 60 години, 30 лица на возраст од 50 до 59 години, 3 смртни случаи се пријавени од возрасната група 40-49 години и 4 случаи во возрасната група од 30-39 години.
Од ресорното министерство посочуваат дека и натаму најголем дел од регистрираните случаи со ковид-19, односно 42,4 проценти се од Скопје со неделна инциденца – 326/100.000. Процентот на позитивни од тестирани во периодот на известување е 35,9 отсто.
Податоците согласно ИЈЗ покажуваат дека регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи, но најзастапена е возрасната група на лица над 60 години со 24,1 отсто. Голем број на заболени се регистрира и кај лицата во возрасните групи од 30-39 години (20,9 отсто), 40-49 (18,7 отсто), 50-59 (17,9 отсто) и 20-29 (13,0 отсто). Најмал број е регистриран кај децата од 0-9 (1,5 отсто) и 10-19 години (3,9 отсто).
Според извештајот на институтот, по добиени 2 негативни теста за присуство на SARS-CoV-2 или со употреба на новиот алгоритам, како оздравени се водат 5.930 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, 16,3 проценти повеќе во споредба со минатата недела.