Рот: Запирањето на напредокот на РС Македонија кон ЕУ е тешка политичка грешка

Сподели

 

Германскиот министер за Европа, Михаел Рот, утрово го оцени како тешка политичка грешка запирањето на напредокот на Северна Македонија кон ЕУ. Тој рече дека Бугарија е осамена во блокадата.

Како што пренесе „Дојче Веле“ на македонски јазик, билатералните барања на една земја-членка кон кои другите 26 земји-членки не можеа да се приклучат, се причината што Северна Македонија не можеше да ги започне преговорите со ЕУ, изјавил германскиот министер за Европа Михаел Рот, пред почетокот на денешниот состанок на министрите на ЕУ, како подготовка за лидерскиот самит кој започнува во четврток.

И покрај неуспехот, Рот рекол дека денеска на дневен ред повторно ќе ја стави темата за проширувањето на ЕУ.

„Ќе разговараме за проширувањето на ЕУ. За жал, досега не успеавме да го исполниме напредокот за кој самите веќе се усогласивме. Во позадина стојат билатералните барања на една земја-членка кон која другите 26 не можеа да се приклучат”, рече Рот.

„Како претседавачи со ЕУ, правиме сѐ што можеме во најбрз рок да се дојде до компромис и да се одржи првата меѓувладина конференција со Северна Македонија, а по исполнувањето на некои дополнителни услови, и со Албанија. Сѐ друго ќе биде тешка политичка грешка, со цена по стабилноста и безбедноста на Западниот Балкан и тоа тешко ќе ја загрози и безбедноста на Европа. За тоа треба сите да бидат свесни“, изјави Рот пред почетокот на денешниот состанок на министрите за надворешни работи и Европа на ЕУ.