Тие велат дека постојат етнички Македонци…. Но дека одеднаш, сме се разбудиле едно утро (во 1944) и сме рекле: „Аха! Сега сме всушност етнички Македонци, а вчера бевме етнички Бугари. Така што, тоа е апсолутен историски нонсенс, вели претседателот на Северна Македонија Стево Пендаровски во интервју за влијателниот ЕУ Обсервер, кое го пренесува Мета.мк, зборувајќи за тезите на официјална Бугарија за прашањата за идентитетот на македонскиот народ, македонскиот јазик и за историјата на народот.
Пендаровски порачува на почетокот дека јазикот и историјата ѝ го даваат идентитетот на Северна Македонија. А јазикот не е бугарски или со бугарско потекло, нагласува шефот на државата.
„Темелот на нашиот идентитет е нашиот јазик, потоа нашата историја, нашата споделена историја со нашите сонародници. Не е тајна дека сме го кодификувале македонскиот јазик во 1945 година, но тоа е засебен јазик, многу сличен со бугарскиот, но не е, и не бил, бугарски јазик“, вели Пендаровски.
ЕУ Обсервер потоа објаснува дека кодификацијата се случува на крајот на Втората светска војна, која македонската држава тогаш е создадена како „Народна Република Македонија“ како дел од Југославија, и дека нејзината територија била управувана од Бугарија, Србија, а одејќи наназад во историјата, од Отоманската империја. „И покрај тоа, за Пендаровски, луѓето што живееле таму отсекогаш имале свој етнички идентитет“, посочува ЕУ Обсервер.
Медиумот што се занимава со ЕУ и европските прашања, пишува дека Бугарија сака нејзината верзија за историјата да биде овековечена во нов билатерален договор или пак со анекс на постоечкиот, оној од 2017 година, пред да го подигне своето вето за евроинтеграцискиот пат. Таа исто така сака нејзините гледишта да бидат вметнати во преговорите за членство на земјава в ЕУ, пишува ЕУ Обсервер, посочувајќи оти бугарските ставови се дека „македонски јазик или етникум не постоеле пред 2 септември 1944 година, а дека биле создадени како дел од ‘изградување’ одвоен не-бугарски идентитет (сторено од страна на Југославија), со намера за прекинување на врските меѓу населението на… [регионот] и Бугарија“, како што стои во меморандумот од Софија на шест страници што биле предаден на членките на ЕУ, а во кој увид имал и ЕУ Обсервер.
„Создавањето на ‘македонскиот јазик’ во 1944… било чин на секундарна кодификација (ре-кодификација) на основа на бугарскиот литературен јазик, дополнително ‘збогатен’ со локални форми, симулирајќи така ‘природен процес’ на основа на дијалекти“, стои во бугарскиот меморандум.
Официјална Софија бара и преговорите на Северна Македонија за членство во ЕУ, кога ќе отпочнат, да вклучуваат специјално набљудување за да се провери дали Скопје се согласува со тие ставови, на пример во учебниците и кај националните празници. А кога Северна Македонија ќе се приклучи на ЕУ, секое користење или споменување на „македонски јазик“ во документите на ЕУ мора да биде со ѕвездичка, со појаснување дека таков јазик постои само „според Уставот на Република Северна Македонија“.
„Процесот на проширување не смее да ги легитимира етничкиот и лингвистички инженеринг што се случил под претходните авторитарни режими“, се вели во бугарскиот меморандум цитиран од ЕУ Обсервер, кој го цитира Пендаровски како вели „Не можеме да прифатиме дискусијата на оваа тема… Тоа е лудо“.
Додека порталот објаснува дека претходен пат Скопје се соочило со долго чекање на својот пат кон Западот во 2008 година, кога Грција стави вето на пристапувањето кон НАТО поради јазичниот спор, при што тогашниот премиер Никола Груевски се држел на власт преку национализам и корупција, сега, иако власта можеби ќе остане на своите вредности, гласачите може да загубат доверба во нив и да се свртат кон популистичките политичари.
„Сметате ли дека ќе имаме ист кредибилитет говорејќи за ЕУ, за реформи и за поддршка од нашите европски пријатели во Брисел, ако сме заглавени и не мрдаме? Гласaчите ќе речат: ‘Дали Европа мисли на нас? Можеби не нѐ сака… Можеби треба да погледнеме кон другите партии’ и евроскептиците би можеле да добијат терен“, вели Пендаровски.
Во однос на руското влијание во Македонија, тој во интервјуто за ЕУ Обсервер вели дека Русија е повеќе извозен пазар и добавувач на енергија отколку закана. Сепак, македонскиот претседател, иако смета дека речиси не постои можноста за нови конфликти на Балканот, смета дека САД и ЕУ мора активно да бидат вклучени во регионот.
Оригиналниот и целосен текст е тука.