Не смее да се дозволи закон за државно рекламирање во медиумите

Сподели

 

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), Македонскиот институт за медиуми (МИМ) и Советот за етика во медиумите (СЕММ) уште еднаш силно го истакнуваат своето спротивставување на евентуалните измени на членот 102 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, со кои би било дозволено рекламирање на јавни институции во медиумите.

ЗНМ, ССНМ, МИМ и СЕММ сметаат дека е недозволиво состојбата во медиумската индустрија да биде вратена на нивото од пред четири години кога со државни средства, на нетранспарентен начин беа плаќани астрономски суми во медиумите без никакви критериуми. Таа пракса на која се противевме беше оценета како лош пример за државен поткуп на медиумите и придонесе за влошување на состојбата во медиумите и зголемување на пристрасноста во нивното известување.

Оваа реакција на четирите организации следи по вчерашната најава на премиерот Зоран Заев дека „во скоро време ќе биде даден предлог од МИОА за укинување на членот 102, односно негова промена за да може да ги помогнеме медиумите преку остварување договори со јавни претпријатија, општини и слично, во делот на нивната транспарентност и спроведување на нивните одлуки како што се седниците на управни одбори, на совети итн.“.

Потсетуваме дека оваа изјава на Претседателот на Владата е во спротивност со владините политики, но и со претходните изборни ветувања на СДСМ дека нема да има јавни пари во приватни медиуми кои многу пати и јавно биле повторувани.

Сметаме дека доколку ваквиот предлог биде прифатен нема да донесе никакво подобрување на состојбата во медиумите и слободата на информирање, туку напротив дополнително ќе го поремети и онака ранливиот медиумски пазар и ќе го засили клиентелизмот. Да се потсетиме дека парите на граѓаните завршуваа на приватни сметки, но не се трошеа за подобрување на квалитетот на програмата и содржини од јавен интерес, ниту за поголеми плати на медиумските работници.

ЗНМ, ССНМ, МИМ и СЕММ не се против одредена финансиска поддршка за медиумите, чија што основна задача треба да биде штитење на јавниот интерес и на интересот на граѓаните. Сепак, сметаме дека таа помош треба да произлезе од претходна јавна дебата и да се води од начелото – „помош за професионалното новинарство“, односно финансиските средства исклучиво да смеат да се користат за проекти од јавен интерес, врз основа на претходни јавни конкурси и за подобрување на социо-економската состојба на новинарите и медиумските работници, наведуваат ССНМ, ЗНМ, МИМ и СЕММ во заедничкото соопштение.