ДС: Дали ЕУ ќе арбитрира за погрешно толкување на историјата?

Сподели

 

Демократскиот сојуз смета дека предлогот на министерката за образование за спојување на предметите Историја и Географија во основното образование е недоволно истражена и избрзана мерка која може да има лоши и далекусежни последици врз образованието на младите, нивната оспособеност и подготовка за повисоките степени на образование и изградба на едуцирани личности, а исто така негативно ќе влијае и врз етно-националната свест и самодоверба на младите.

Во време кога македонскиот идентитет и автентичниот развој на македонската национална историја, се жестоко нападнати од нашиот источен сосед, укинувањето на предметот Историја, односно неговото спојување со предметот Географија, не само што ќе го намали обемот на изучување на наставните содржини од историјата на Македонија, туку ќе испрати лоша порака дома и во соседството, дека на Владата не и е толку важна националната историја штом предлага учениците да не ја изучуваат како одделен предмет.

Демократскиот сојуз предупредува дека изучувањето историја во Финска или во некоја друга европска држава, не може да биде репер за образовен експеримент од ваков драматичен карактер. Македонија е на Балканот, а не на Скандинавскиот полуостров, регион каде што владеачките политички елити не го оспорувааат идентитетот на своите соседи, ниту пак им ја наметнуваат својата историја, како што тоа го прави Република Бугарија.

Секоја идеја и предлог за образовни реформи мора да биде врз основа на претходно подготвени истражувања и споредбени анализи од земјите во регионот и во Европа, и да биде предмет на широка дебата, во која ќе бидат вклучени експертите, политичките чинители, невладините организации, но исто така и родителите и учениците, кои не смеат да бидат интелектуални заморчиња на еден експеримент.

Демократскиот сојуз ја повикува Владата да и укаже на министерката да се откаже од оваа идеја која, доколку се реализира, може да нанесе многу штета на образованието на младите и да го поткопа македонскиот идентитет.