Стевановиќ: За 20-30% намален бројот на амбулантските прегледи на инфективната клиника

Сподели

 

Директорката на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби д-р Милена Стевановиќ во вчерашното гостување на Топ Тема на телевизија Телма истакна дека тоа што укажува на лесно намалување на бројките е фактот дека за речиси 17 проценти е намален бројот на новооткриени пациенти со ковид-19 во изминатата недела, а вчерашните бројки зборуваат за намалување и на процентот на позитивни во однос на тестираните, кој конкретно вчера изнесуваше 25 отсто.
 
-Тоа е нешто што навистина влева надеж. Од еден друг аспект гледано, на терен, не можеме да зборуваме дека бројките на клиниката се намалени, затоа што капацитетите се практично се уште речиси целосно исполнети. Но, она што ни дава надеж и се поклопува со бројките што ги покажуваат извештаите на Институтот за јавно здравје е дневната фрекфенција на амбулантски прегледи која е за 20, па и речиси 30 отсто намалена во однос на претходната недела. И ако сме имале просек на пациенти 100-120 па и повеќе прегледи за 24 часа на клиниката, сега таа бројка е сериозна намалена. Тоа е она што остава впечатокот дека бројката лесно се намалува, рече д-р Стевановиќ.
 
Директорката на Инфтктивна клиника, упати апел до граѓаните за време на празничните прослави во домовите да ги почитуваат мерките за заштита, повика граѓаните да се воздржат од групирања, за да не се направи нов тренд на пораст на заразени со Ковид 19.
 
Во емисијата учествуваа и директорот на ИЈЗ, д-р Шабан Мемети и претседателката на Комитетот за имунизација, проф. д-р Александра Грозданова. Д-р Мемемти се повика на последната неделна анализа на ИЈЗ каде се забележува намалување на нови позитивни случаи со Ковид 19 и тоа за 16,9 % во однос на минатата недела. Професорката Грозданова упати апел до граѓаните за важноста на вакцинацијата против корона вирусот.