Да можам целиот свој живот ќе истражувам за сите оние кои тргнале кон божествената креација и стварност, ќе пишувам подеднакво и за љубовта и за смртта, за сите оние кои се подготвени да се жртуваат во име на љубовта, за сродните души и (не)душите на малограѓаните, снобовите, оние кои се дават во „смрдеата на изобилството и потребата за туѓа крв“, за луѓејадачите во балканските ќошови…за највисоките возвишенија на креативниот ум, за најголемите инспирации на уметниците, за птицата која умира пеејќи, за најдлабоките провалии на животниот пекол…и летот на оние кои ги допираат сите бои на виножитото…
До неодамна, ги посакував наеднаш сите патишта кои ќе ме однесат за да бидам најголемиот трагач на вистината, љубовта, душите човечки. Посакував денот вчерашен да биде само легенда, да биде значаен секој ден во откривање на непознатотo, на недопреното…во кое се кријат најголемите тајни на човештвото.
Но, сега научив само мигот да го вреднувам бидејќи тој ми дозволува истрајност и трезвеност дека треба да ги наткрилам во многу нешта врвовите на човечките мечтаења… за да можам да дојдам до највисоките цивилизациски дострели кои ќе ни ја оцртаат во средината на нашите заеднички мисли – патеката кон добробитта и племенитоста, упорноста во спознанијата.
Таму, токму таму… каде што пулсираат и не напаѓаат нашите сознанија, вистинити и отворени прашања за човекот и за животот кои не збунуваат, напати фасцинираат, но во секој случај ја разнишуваат нашата рамнодушност кон неправдата, инертноста, незаинтересираноста на луѓето да го започнат патувањето кон спознанието за себеси и опкружувањето…
Но, на таа мисија моето НЕ ЈАС и НАД ЈАС станаа моите најголеми учители, потсетувајќи ме на животот, сега и тука… нешто што постојано го забораваме бидејќи не кради од нас самите, ни го кради времето, ни ги краде оние со кои вреди да се живее или за кои вреди и да се умре…
Соња Р. Јовановски