Во повеќе од 100 града во Русија викендов се одржаа протести како одговор на приведувањето на опозицискиот лидер Алексеј Навални и повеќе негови соработници. За време на протестите над 3.500 лица беа приведени од полицијата, а специјалните полициски единици во Москва тепаа и влечеа демонстранти по улиците, јавува Би-би-си.
Меѓу приведените лица е и Јулија, сопругата на Навални која што присуствуваше на протестот во Москва во саботата. Љубов Собол, блиска соработничка на Навални, беше брутално уапсена пред очите на многубројните камери додека даваше изјава за медиумите.
Протестите во Русија се случуваат по повикот на опозицискиот лидер Алексеј Навални за организирање протести во земјата откако тој беше уапсен веднаш по пристигнувањето во Москва на 17 јануари, по неколкумесечниот престој во Берлин каде што се опоравуваше од труењето со нервен гас што се случи во август лани.
Во Русија викендов се организираа протести низ целата земја, од Владивосток на Далечниот Исток до Москва. Во рускиот главен град се собраа најмалку 40.000 луѓе, кои побараа итно ослободување на Навални. Руските официјални власти ги оквалификуваа протестите како недозволени.
Опозицискиот лидер Алексеј Навални на својот Јутјуб канал во вторникот на 19 јануари објави видео-документарец за, како што вели, најголемиот поткуп во историјата што ѝ се случил на Русија, а наводно е дело на Владимир Путин.
Во видеото се третира изградената палата во вредност од 1,37 милијарди долари во градот Геленџик на Црното море, која наводно е во сопственост на Путин.
Властите во Москва ова го негираа, а како што јави БиБиСи, портпаролот на претседателот Путин, Димитриј Песков, посочил оти тврдењата дека официјални владини лица ја обезбедуваат палатата се „чиста бесмислица“.
Но, според Навални, мегаломанскиот објект му припаѓа на рускиот претседател, а е изграден со недозволени фондови обезбедени од блиски луѓе на Путин, вклучувајќи милијардери и сопственици на нафтени компании.
„Тие со овие пари изградија палата за својот шеф“, тврди Навални во видеото, кое само за неколку дена постигна гледаност на Јутјуб од над 85 милиони пати.
Во видеото се третираат повеќе наводни корупциски скандали на Владимир Путин од почетокот на неговата кариера во КГБ во германскиот град Дрезден во ерата на Студената војна, а самиот Навални во видеото е протагонист којшто ги открива коруптивните афери.
Меѓународната јавност веднаш реагираше на протестите во Русија што се одвиваат по апсењето на Навални. Новата американска администрација на чело со Џо Бајден ги повика руските власти веднаш да ги пуштат на слобода приведените лица на протестите и ја осудија „острата тактика“ која ја користи полицијата против протестантите.
Жозеп Борел, високиот претставник на ЕУ за надворешна политика, изрази загриженост за состојбата во Русија, а за следните чекори што ќе ги преземе ЕУ ќе се разговара денеска на состанокот на Советот за надворешни работи на ЕУ. Францускиот министер за надворешни работи Жан-Ив Ле Дријан ги опиша апсењата на демонстрантите во Русија како натамошно движење кон авторитаризам и повика на понатамошни санкции против Русија, јавува белградскиот весник „Данас“.
Руската амбасада во Обединетото кралство, преку твит, ги обвини Западните земји дека ги користат нивните амбасади да ги охрабрат протестите.
„Хипокртитите продолжуваат да го пумпаат лажниот случај Навални за да се мешаат во внатрешните работи на нашата земја. Ова е професионално подготвена провокација, охрабрена од амбасадите на Западните земји, вклучувајќи ја и Амбасадата на САД во Москва“, се вели во овој твит.