Алексеј Навални доби затворска казна, САД побараа итно ослободување

Сподели

 

Најпознатиот руски опозиционер Алексеј Навални вчера доби ефективна затворска казна, во судски процес што генерално во светот се цени како политичка пресметка на власта со нејзиниот најжесток критичар.

На судењето беше проценето дека Навални ги прекршил одредбите за неговата условна затворска казна од три и пол години, со тоа што не се пријавувал соодветно во текот на петте месеци кога беше во Берлин каде што се лекуваше и закрепнуваше од труењето со нервниот отров од советско време, Новичок. Навални како наредбодавач за неговото труење го посочи директно рускиот претседател Владимир Путин.

 

Пресудата предизвика серија протести во Русија, во кои повеќе од 1.000 луѓе беа уапсени. Полицијата реагираше жестоко, а беа тепани и медиумски работници.

Навални беше приведен пред две седмици, веднаш по неговото пристигнување во Москва од Берлин и беше држан во притвор. Со вчерашната пресуда, се активира неговата условна казна од 2014 година, но предвид се зема и времето што го поминал во куќен притвор, па Навални ќе треба да дослужи казна в затвор од две години и осум месеци.

Опозиционерот преку неговата адвокатка најави жалба на пресудата.

САД ја осудија одлуката на судот во Москва да го затвори опозицискиот политичар.

„Го повторуваме нашиот повик руската влада веднаш и безусловно да го ослободи Навални, како и стотиците други руски државјани кои неправилно беа приведени во последните неколку недели заради остварување на нивните права, вклучително и правата на слобода на изразување и мирно собирање“, изјави американскиот државен секретар Антони Блинкен по изрекувањето на пресудата во московскиот суд.

Инаку, Европскиот суд за човекови права пресуди дека пресудата од 2014 година за обвиненија за проневера е незаконска.

Според ОВД-инфо, независна организација која го следи политичкиот живот во Русија, во протестите по изрекувањето на пресудата, во многу градови низ земјата биле приведени повеќе од 1.000 луѓе. Тимот на Навални преку својот канал на Телеграм вчеравечер се заблагодари за поддршката на демонстрантите и ги повика да се разотидат.

„Путин не успеа да го убие Алексеј Навални – и затоа реши да го стави в затвор на две години и 8 месеци. Никогаш нема да толерираме влада што ги убива противниците и затвора невини луѓе. Дефинитивно повторно ќе излеземе на улица. Засега, внимателно упатувајте се кон најблиските метро станица“, гласеше пораката.

meta.mk