Преку „Vakcinacija.mk“ пријавени 55.970, а преку матичните лекари 29.209 лица за вакцина

Сподели

 

Министерството за здравство информира дека досега преку веб-страницата „Vakcinacija.mk“ 55.970 лица ја пополниле формата за аплицирање преку искажување на интерес за вакцинација против КОВИД-19. Преку матичниот лекар, за вакцинација се пријавиле 29.209 лица. Од оваа вкупна бројка, 38 илјади лица над 70 години се пријавени за вакцинација.
 
Вчера, со вакцинација на 202 здравствени работници почна имунизацијата во земјава. Согласно направениот план за вакцинација на здравствените работници, први се вакцинираат медицинските лица кои работеле или работат со КОВИД пациенти од инфективната клиника, ГОБ „8 Септември“, Институтот за белодробни заболувања кај децата Козле, интерните клиники кои хоспитализираа пациенти. Од следната недела вакцинацијата ќе почне и кај здравствените работници во болниците низ државата, како и приватните болници.
 
Со ова, нашата земја ќе биде една од ретките земји во Европа во која ќе ја имаат примено вакцината против КОВИД-19 сите здравствени работници кои лекувале пациенти позитивни на коронавирусот.
 
Вакцините се безбедни и развиени на сигурни платформи. Во неделата, од Србија добивме 4680 од вкупно 8000 вакцини од компанијата Фајзер. Во текот на следната недела, во Северна Македонија се очекува да пристигнат и другите количини од Србија.
 
До крајот на месец февруари, се очекуваат да пристигнат и 200-те илјади вакцини од Народна Република Кина.