Заев: Нема недопирливи, но никој не е виновен додека не се докаже спротивното

Сподели

 

Повикувањето на поранешниот генерален секретар на Владата Драги Рашковски на информативен разговор во судот на претходна постапка за премиерот Зоран Заев е само уште една потврда дека нема недопирливи пред законот.
 
„Без разлика дали некој бил генерален секретар некаде до есента, а до пред некој ден секретар во мојот кабинет, законот важи еднакво за сите“, истакна претседателот на Владата Зоран Заев на новинарско прашање.  
 
Тој додаде дека институциите на истрагата си ја вршат својата работа, дека нема недопирливи ни од власта, но ниту од опозицијата.
 
„Истовремено, треба да го почитуваме и ставот дека никој не е виновен додека не му се докаже вината. Презумпцијата на невиност треба да ја почитуваме“, рече премиерот Заев во својот одговор и додаде дека сите барања до независните институции, како што се Јавното обвинителство и Државната комисија за спречување корупција, се испорачани за да се спроведе постапка целосно во согласност со законот.

Премиерот Заев информираше дека согласно информациите кои се предадени во институциите смета дека софтверот за сообраќај е набавен преку законска јавна набавка, при што нагласи дека независните институции низ објективна и фер постапка имаат обврска да дадат конечен одговор кој ќе мора да се почитува.