Моите колеги вредно истражуваа и ја открија маршрутата на Груевски преку неговите резервации за авио-билетите.
Но, кога во земјава би важеле „резервации“ за политичка одговорност и казнивост, многу политичари денеска би имале „резервации“ за едно all inclusive престојувалиште, кое не е ни на туристичките мапи ни на свадбарските покани – туку на мапата на Управата за санкции.
Фактот што дел од нив спокојно и неодговорно шетаат по светски туристички дестинации во клучни моменти за земјата, е резултат исклучиво на сознанието дека си ја имаат обезбедно најважната „резервација“ во политичкиот живот: наклонетоста на судско-обвинителскиот систем. Но, сѐ има свој почеток и крај, па и таа резервација.
Како што се стави крај на неодговорното трошење и менаџирање на средствата од европските фондови, така ќе се стави ред и во правосудството. ЕУ истури куп пари за зајакнување на техничките и институционалните капацитети на судско-обвинителскиот систем во земјава да ги постигнеме стандардите, а не за да негуваме состав на судии и обвинители кои ќе бидат неотпорни и сервилни на влијанието на извршната власт. САД со над 55 милиони долари учествуваа во развојот на капацитетот на правосудството. Македонските даночни обврзници со години негуваат 100 насто надеж дека еден ден правото и правдата ќе профункционираат во полн капацитет и неселективно. Тој ден не само што не дошол туку последниве години стануваше сѐ поневидлив на правосудниот хоризонт.
Овојпат нема да биде можен натамошен компромис со заложбите и барањата за владеење на правото. По формирањето на СЈО, ако судовите не се излечат од „стокхолмскиот синдом“, ако голем дел од киднапираните судии не се ослободат од психолошката поврзаност со киднаперот (власта), тогаш самите најдиректно и најитно ќе препорачаат нужно формирање на специјално судско одделение, кое ќе ги процесуира предметите на независен начин, различен од оној на кој тие се уценети или се согласиле заради одредени привилегии.
Во партиските преговори состојбите и промените во судството мора да имаат врвен приоритет. Во спротивно, ваквите реликти ќе продолжат да функционираат врз крилјата на прифатената и политички диригирана инерција, без да сносат одговорност за постапките Точката од која ќе започне излезот од кризата мора да биде јасно одредена. Тоа во македонскиот случај е судско-обвинителскиот систем. Партиите можат да преговараат за Избирачкиот список, за медиумски реформи и за разни техникалии, но ова е котата на која сите утре ќе се сопнат, ако дозволат тој систем да продолжи да функционира со утврдените слабости и деформитети, и со надеж дека неговите субјекти самите ќе се преиспитаат.
Дел можеби навистина ќе го сторат тоа, но владеење на правото не се постигнува со будењето на професионална совест на симболичен број претставници во правосудството, доколку другите во исто време го прават спротивното: ако под политички притисок ја газат независноста и професионалноста, во корист на интересите и потребите на власта. Затоа во партиските преговори состојбите и промените во судството мора да имаат врвен приоритет. Во спротивно, ваквите реликти ќе продолжат да функционираат врз крилјата на прифатената и политички диригирана инерција, без да сносат одговорност за постапките.
А корупција не е само да се дадат и примат пари за посакуваната пресуда. Корупција е и кога се прави кариера и се остварува некаква привилегија од неправилно судење. Корупција е и кога повисоки инстанци им наложуваат на пониските какви одлуки да донесат за мерка за притвор или за мерки за претпазливост. Јасно е дека власта ги опструира решенијата за излез од кризата за да го одолговлекува процесот, да ги замори и домашните и странски учесници во преговорите и да ги направи безволни и демотивирани во барањето излез, а таа да може да ја зголемува долговечноста на инсталираниот политичко-судски аранжаман. А за да ги избегне судските шрапнели од „бомбите“, ја користи официјалната владина герила која секојднево поставува нови мини.
Еден ден со закон за владино рекламирање, друг ден за екстерно тестирање, трет нешто друго, со цел постојано да го дисперзира вниманието на странични колосеци, за главниот пат да ѝ остане чист за туркање на работите по старо. Таа тактика е прочитана и прашање е уште колку време ќе можат да се потпираат на неа. Ако може да им се верува на одредени информации, наскоро треба да започне и „реформа“ на кочничарите на пржинскиот процес. Дали тоа значи кадровски промени во врвот на некои партии или нивна екскомуникација од политичкиот сообраќај со демократскиот свет, можеби ќе се знае многу брзо. Но, секако ќе се чуе и отаде Сицилија.
Колумната на Катерина Блажевска во целост прочитајте ја тука