Шилегов до ДКСК: Проверете ги наводните нерегуларности за набавката на противпожарната скала

Сподели

 

Градоначалникот Шилегов денеска се обрати до Државната комисија за спречување на корупцијата, со барање за испитување на наводните сомнежи за постоење корупција и судир на интереси при реализација на набавката на специјализираното возило – противпожарна скала, која претставува единствена опрема од ваков тип на Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје.

Вчера, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ преку својот фејсбук профил ширеше невистинити информации за начинот и висината на цената на набавката на противпожарната скала, профил кој беше посочен од страна на ЕУ како извор на лажни вести.

Со цел спречување на ширењето лажни вести и дезинформирање на јавноста, побаравме од ДКСК, преку своите механизми, да спроведе постапка за утврдување на наводните нерегуларности и на тој начин да ги информираме граѓаните на Скопје за уредноста на постапката при набавката на ваквата противпожарна скала – истакна градоначалникот Шилегов.

 

 

За потсетување, ова е прв пат Бригадата за противпожарна заштита во Скопје да набави ваква софистицирана опрема со која можат да интервенираат на објекти кои имаат повеќе од  5 ката, нешто што досега беше невозможно поради немање соодветна опрема. По 27 години, оваа градска администрација инвестира во опремата за хероите на Градот, а и во безбедноста на сите граѓани на Скопје.

Станува збор за набавка спроведена низ високо транспарентна постапка на меѓународен тендер кој траеше 6 месеци и чија вредност изнесување 1,7 милиони евра со ДДВ.

Градоначалникот Шилегов на својот официјален фб профил напиша:

 

 
“Ех, Христијане, Христијане …
Да бидам искрен, воопшто не сум изненаден од продолжетокот на твоите манипулации со фб постови. Но, да одиме со ред:
1. Манипулативно, кога зборуваш за цената, за цената на загребската скала кажуваш цена без ддв, а за скопската со ддв. Така ти изгледа поспектакуларно, нели ? Тогаш, скопската не е 1.7 милиони евра, туку 1.4
2. Ова е список на дополнителната опрема која што ја има скопското, но го нема загебското возило (дополнителна опрема во доградбата):
– компјутерска стабилизација на корпа
– РЦ 400 корпа за 4 луѓе плус
– монтажа на корпа носилка за повредени
– фен или чафовлекач кој се монтира на самата корпа
– електромагнетна стабилност
– агрегат за струја (за работа на скалата без погон на возилото)
– негативен нагиб на корпа до 8 метри во минус
– сајла за спуштање на пожарникари
– дополнителна скала за од корпа до кров
– довод на вода за употреба на млазницата за гасење монтирана на сама корпа
– подвижен под на корпа
– компјутерска нивелација на цела надградба лево десно
Списокот е подолг. Ова се основните разлики. Веројатно сега ти е појасно зошто и каде има разлика во цената ?
3. Загреб во изминативе 30 години набави 5 вакви возила. Ова им е шесто. Скопје ниедно. Ова е прво. 27 години владеевте во Скопје. Ниту ЕДНО возило …
Не се љути на тие што те наместиле да се излеташ денес. Со задоволство ќе ти ја доставам целокупната документација. И на скопското и на загребското возило. Сам да ја воочиш разликата. Дури и кафе ќе те почастам (за брља, барај си ги твоите од пратија што денес дадоа такво соопштение (одговор)) и размисли, добро размисли, каде ја водиш својата партија и нашата Македонија (Република Северна Македонија) со ваквото свое “раководење”.
Те бендисувало тоа или не, Скопје е една многу поинаква приказна од вашето време. И граѓаните на Скопје тоа го знаат. Го знаеш и ти. И затоа манипулираш (да не кажам свесно лажеш). И одговорот, токму тие, граѓаните ќе ти го дадат во октомври. Кога ќе изберат континуитет на градот и ќе кажат не на “сакам кажам, не знам речам” и “тргни,застани” политиките кои ги водиш …
И ќе те поразат. Скопјани. И свесен си за тоа.
П.С. Во прилог 3 нови видеа од тоа што се’ има кај нас, ама нема во Загреб
П.П.С. Помина времето кога за споменик од 100.000 евра се плаќаше по 10.000.000 евра. Помина и никогаш нема да се врати.
П.П.П.С. Тоа е господин Мицковски. Европско Скопје, купува посовремена и подобра опрема од европски Загреб. Чудно, нели ?
Епа, Скопје е една поинаква приказна !!!”