Специјализираното возило – противпожарна скала е возило кое спасува животи зашто овозможува безбедно евакуирање на сите што живеат во објекти од 5.кат па нагоре, а кои неретко остануваат заробени во своите домови кога пожар ќе избие на пониските катови од повисоките згради – изјави на денешната прес-конференција командантот на Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје, Владимир Симоновски, објаснувајќи ги придобивките од ваквата софистицирана опрема за работата на скопските пожарникари.
“Неопходно беше да се купи ваква скала, тоа се провлекува веќе 10 години и е ставена во јавни набавки од 2010 година, па наваму. Дојде време бригадата да се модернизира и да ја добие скалата во текот на овој месец или на почетокот на јуни. Противпожарната скала е купена по наши препораки, како стручни лица, направена е анализа на територијата на Град Скопје, направени се испитувања на терен за потребите на градот, но и во делот каде што се соочуваме со секојдневни проблеми поради урбанизацијата на градот за да можеме пристапните улици да ги користиме за скалата. Можевме да купиме и поголема скала, но таа немаше да има функција. Според функционалната анализа оваа скала е најсоодветна за градот Скопје” – рече Симоновски.
Тој додаде дека е среќен што оваа градска администрација ја препозна итноста на потребата од набавка на противпожарна скала за Противпожарната бригада и упати апел набавката на ова возило да не се злоупотребува за дневнополитички потреби.
Станува збор за набавка спроведена низ високотранспарентна постапка – меѓународен тендер кој траеше 6 месеци. Притоа, се имаше предвид дека ваква опрема произведуваат само 2 производители во Европа, Розенберг од Австрија и Магирус од Германија. Кај нас ова е прво возило од овој тип и единствено не само во Скопје, туку и во целата држава. Разликите во техничка смисла во однос на основната верзија на скалата се следни: компјутерска стабилизација на корпа, РЦ 400 корпа за 4 луѓе плус, монтажа на корпа носилка за повредени, фен или чафовлекач кој се монтира на самата корпа, електромагнетна стабилност, агрегат за струја (за работа на скалата без погон на возилото), негативен нагиб на корпа до 8 метри во минус, сајла за спуштање на пожарникари, дополнителна скала за од корпа до покрив, довод на вода за употреба на млазницата за гасење монтирана на самата корпа, подвижен под на корпа и компјутерска нивелација на цела надградба. Дополнително, во оваа набавка е предвидено одржување на возилото во период од 5 години. За набавката на ова возило се предвидени 1,4 милиони евра без ДДВ или 1,7 милиони евра со ДДВ.