Премиерот Зоран Заев, министерот за здравство Венко Филипче, заедно со комесарот за соседство и проширување на Европската Унија Оливер Вархеји и сојузната австриска министерка за Европа и Устав, Каролине Едштадлер, во рамки на посетата на нашата земја по повод пристигнувањето на првите вакцини против ковид-19, споделени и финансирани од Европската Унија, го посетија вакциналниот пункт во спортската сала „Борис Трајковски“.
„Денеска пристигнаа првите количини вакцини од одобрените вкупно 119.213 дози „Фајзер“, кои ЕУ ги обезбедува како помош за Северна Македонија преку трилатерални договори во рамките на програмата „Тим Јуроп“ (Team Europe). Преку оваа програма за поддршка во снабдувањето вакцини за Западен Балкан, што ја координира Австрија, пристигна првата испорака од 4.850 дози од вкупно 19.890 што се предвидени да бидат испорачани во месец мај“, рече Заев истакнувајќи дека истовремено денеска дополнително пристигнале и 4.850 дози од истиот производител набавени во директен договор.
Премиерот Заев изрази очекување дека со заинтересираност на населението, со обезбедени вакцини и со добро организиран систем на вакцинацијата, ќе се промени целокупната слика на епидемијата во позитивна смисла со цел постигнување на колективен имунитет.
„Девет милиони евра од ЕУ беа издвоени за асистенција на здравствениот сектор со коишто се обезбедија 25 респиратори, преку 35.000 единици специјализирана медицинска опрема и над 1,6 милиони парчиња опрема за лична заштита“, рече Заев и додаде дека од фондовите на ЕУ беа издвоени 40 милиони евра за поддршка на повеќе од 2.500 микро и мали компании со што беа сочувани повеќе од 2.100 работни места, како и 24 милиони евра пристигнати за поддршка на програмите за економски раст и за намалување на младинската невработеност за над 7.000 млади луѓе со понудените програми за преквалификација со цел да бидат поконкурентни на пазарот на трудот во ова време на пандемија.
Еврокомесарот Вархеји на прес-конференцијата изрази задоволство за присуството во нашата земја и успехот за испорачување на првите вакцини обезбедени од Европската Унија, за што како што подвлече не било лесен процес, но е резултат на напорната работа на Европската Унија, притоа изразувајќи посебна благодарност за ангажирањето на австриската Влада.
„Со ова покажуваме дека се грижиме за вас, за Северна Македонија и тоа ми е поентата, да подвлечам, дека ние, како Европска Унија се грижиме и сме покрај Западен Балкан, односно Северна Македонија од почетокот на самата пандемија и ќе продолжиме да бидеме покрај вас, ќе продолжиме и со другиот дел на вакцините“, рече Вархеји, оценувајќи дека ова е почеток и изрази надеж дека процесот на вакцинација ќе биде целосно заокружен.
Еврокомесарот Вархеји изразувајќи посебно задоволство рече дека речиси 120.000 вакцини целосно финансирани од ЕУ, како подарок се одобрени за Република Северна Македонија и ќе бидат испорачани до крајот на август, со цел што поскоро да се надмине пандемијата.
Вархеји подвлече дека вакцинацијата ќе обезбеди растоварување на здравствениот систем и олеснување на товарот кој го сносат медицинските лица за цело време на здравствената криза.
И министерката за Европа и Устав во федералната Влада на Австрија, Каролине Едштадлер во своето обраќање пред медиумите истакна дека „никој не е безбеден и сигурен, додека сите не бидат безбедни“ и подвлече дека центрите на вакцинација се места на надеж и дека само со овој процес може да се надмине пандемијата која предизвика страдања во Европа и целиот свет.
„Денешниот ден е ден на надеж и јас се радувам што Република Австрија беше во можност да го олеснува овој процес и да ги испорача првите вакцини до западен Балкан, односно до Република Северна Македонија“, оцени министерката Едштадлер, додавајќи дека 650.000 вакцини се обезбедени за Западен Балкан, со што ќе се растоварат здравствените системи и ќе се обезбеди враќање на нормалноста.