ИВАН ТОМИЌ СРПСКИ АКТЕР КОЈ ЌЕ ВЕ НАСМЕЕ ДО СОЛЗИ
Пишуваше лути стихови во тинејџерските години, тренираше стрелаштво и бокс. Тој е хуманитарец, по лик е близнак на Зоран Кесиќ, мајстор за нес кафе, атеист, кој празниците ги прославува дупло, славен Крагуевчанин кој копнее за куќа на периферијата од градот… Неговата прва љубов беше фотографија, но сепак се одлучи за другата страна на објективот. На малите екрани ги смееше гледачите со своите коментари во емисијата “Булевар Б92“, но и приватно. Томиќ е секогаш подготвен за забава и шеги, колку на своја рака, толку и на сметка на колегите и пријателите, па не е ни чудно што е еден од поуспешните стенд-ап комичари на екс Ју просторите. Иако е филмски и театарски актер, тој ги избира хумористичните стенд-ап настапи, не само како одлична форма на забава, туку и со цел да обезбеди подобра иднина за неговите деца – Ева и Вид, кои се негови најостри критичари.
Иван е еден од оние мажи кои уживаат во готвењето појадок за своето семејство. Не се срами да биде најдобро облечен маж, а во неговата куќа се знае кој носи панталони, тоа е неговата сопруга Драгана. Овој актер нè увери дека детето ќе живее во него засекогаш. Со весел дух, насмеан, разговорлив и расположен одговори на нашите прашања:
ДЕНЕС МАГАЗИН: Глумевте во најпознатите српски тв серии: “Andrija i Anđelka“, “Miris kiše na Balkanu“, “Slatke Muke“, “Južni vetar“, “Ubice mog oca“, “Tajne vinove loze“, “Ljubav ispod zlatnog bora“, “Istine i laži“, “Igra sudbine“…
Дали ви се допаѓа моменталната хиперпродукција на тв серии?
ИВАН ТОМИЌ: Јас предвидов и очекував дека луѓето ќе гледаат ТВ серии со љубовни приказни. Постојат платформи каде се емитуваат серии, а пандемијата ја зајакна потребата, содржината да се гледа од дома. Имав среќа што, кога играв помалку во театарот, снимав серии. Благослов е, бидејќи актерите не се задоволни кога не играат. И театарот ќе се смени, сигурно. На пример, театарот на Шекспир подготвува стриминг-продукција за оваа година. И ние правевме театарска претставата која ја гледаа многу луѓе. Еве и утре (6.мај) настапувам на македонската платформа Златен Заб, со стенд ап настап во живо (live streaming).
ДЕНЕС МАГАЗИН: Дали може да ни кажете некој комичен момент од снимањата на тв сериите?
ИВАН ТОМИЌ: Во тв серијата “Ljubav ispod zlatnog bora“ првата сцена што ја снимивме беше јас и Катарина Радивојевиќ јаваме коњи. Смешно е што јас првпат глумев со неа и првпат бев качен на коњ. Не знаев од кого повеќе да се плашам (се смее). Беше возбудливо. Си дозволивме храброст во глумата и сцените.
ДЕНЕС МАГАЗИН: Дали имаше момент кога сакавте да ја смените професијата?
ИВАН ТОМИЌ: Размислував за тоа кога се вработив во театарот. Бев многу среќен што имав можност да работам, играв до дваесет и пет претстави месечно, но парите што ги заработував таму едноставно не беа доволни за да го издржувам семејството и да ги едуцирам моите две деца. Театарот го храни духот, но излегува дека нема доволно финансии за нормален живот. Од таа состојба произлезе моето учество со стенд-ап настапите, но и потребата од одредени работи кои што не можев да ги подготвам во театарот.
ДЕНЕС МАГАЗИН: Кажете ни повеќе за Вашите стенд-апи.
ИВАН ТОМИЌ: Јас работам креативна работа. Во стенд-ап комедијата доживеав некои од најубавите моменти, но и некои од најтешките и најнепријатните на сцената. Кога настапувам се обидувам да го разберам човекот, да го најдам во себе. Најмногу ме интересира човекот, а за тоа не ти требаат средства, туку само мисли, емоции, тело … Тоа е едноставноста што ми ја пружаат стенд-ап настапите, кои ги правам веќе неколку години.
ДЕНЕС МАГАЗИН: Утре вечер во 21 часот освен македонската публика, ќе имаат можност да ве гледаат сите оние кои разбираат српски јазик, ширум целиот свет. Што да очекуваме?
ИВАН ТОМИЌ: Пред се голем поздрав и благодарност до македонската публика и до Вашиот медиум. Во мојата стенд-ап комедија “Колибата на чичкото Томиќ” главните теми се членовите на моето потесно семејство: сопругата, децата и кредитот.
Играјќи неколку ликови истовремено во ситуации од секојдневниот живот ќе Ви откријам: Што се случува кога заемот оди во основно училиште? Што е заедничко за синхронизацијата на цртаните филмови и Хашкиот трибунал? Која е врската помеѓу победникот на математичката олимпијада и не’рѓосувачки челик? Може ли српска народна песна да се преведе на англиски? Кои се тајните стратегии на продавниците за здрава храна? Како правилно да газите цвеќе пред Градското собрание?
Се гледаме утре..со дистанца 🙂
denesmagazin.mk