По Канада, и САД ја одобрија за користење вакцината против ковид-19 на „Фајзер/Бионтек“ за младите на возраст од 12 до 15 години, пренесува „Гардијан“. Американската агенција за лекови (ФДА) ја издаде неопходната дозвола, со што младите лица кои имаат над 12 години ќе можат да бидат вакцинирани. Досегашното одобрение по итна постапка за користење на вакцината се однесуваше за лицата над 16 години.
Од Американската агенција за лекови велат дека ваквиот чекор ќе им овозможи на помладата популација да се заштити од ковид-19, со што САД ќе бидат чекор поблиску кон чувството на враќање кон нормалноста и крај на пандемијата. Според нивните податоци, над 1,5 милиони случаи на заболени лица од ковид-19 на возраст од 11 до 17 години биле пријавени во периодот од март 2020 до април годинава.
Покрај во САД, и Европската агенција за лекови (ЕМА) во моментов врши проверка на вакцината на „Фајзер/Бионтек“ за нејзино користење кај младите меѓу 12 и 15 години. Очекувањата се дека кон крајот на мај или средината на јуни од ЕМА ќе излезат со официјален став по строгата и темелна проверка на безбедноста на вакцината за оваа возрасна група, по што и во земјите-членки на ЕУ ќе може да се користи оваа вакцина за имунизација на оваа категорија на млади.