Во држава во која извршната и законодавната власт, со кршење на законите, носат закон кој крши закони за да легализира кривично дело – апсолутно се е можно!
Добрата вест која стигна денес е дека Претседателот Пендаровски не го потпиша Указот за Законот за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти, но она што не загрижува е понатамошниот пат на овој закон. Истиот се враќа во Собранието, кое има 30 дена повторно да го разгледа и гласа. Доколку се изгласа и по втор пат, Претседателот нема друга опција освен да го потпише Указот. Сплотеноста на власта и опозицијата во однос на легализацијата на кривичното дело „бесправно градење“ не ни влева надеж за правна држава.
Со оваа реакција апелираме да се повлечат од собраниска процедура и двата закони за постапување со бесправно изградени објекти.
Во оваа смисла, се осврнуваме на соопштението на Владата од 12.05.2021 година:
„погрешни се тезите дека „сè и сешто ќе се легализира“. За да се легализира, на пример во заштитено подрачје, треба согласност да се добие од надлежен орган, министерство или друга институција, ако не го загрозуваат тоа подрачје. Така што невозможно да се легализира секој објект во тие делови.“
Ова е изјава на Влада која:
- Предложи закон за легализација на кривично дело; закон со кој се поништуваат донесени правосилни одлуки, со што се поткопува правната сигурност и двостепеност во одлучувањето во управната и судската постапка; противуставен закон со кој се прекршуваат повеќе закони, како Законот за заштита на природата, Законот за води, Законот за урбанистичко планирање, Законот за општа управна постапка, итн.; закон кој неповратно ги нарушува темелните вредности на државата дефинирани во Уставот;
- Прекрши серија на закони и меѓународна конвенција во процесот на донесување на законот: законот е доставен до Собранието без претходно да се објави на ЕНЕР, без јавна дебата, без никакво учество на јавноста, без Проценка на влијанието на регулативата. За овие законски прекршувања Фронт 21/42 поднесе Управен приговор до Министерството за транспорт – приговорот ни беше одбиен со образложение дека пропуштање на објава на нацрт законот не е дејствие кое има влијание врз правата на јавноста. Дури и начинот на одбивање на приговорот е со прекршување на Законот за општа управна постапка – наместо да донесе Решение (против кое понатаму може да се покрене Тужба) Министерството ни одговори со Известување, и со тоа се обиде да не спречи да продолжиме да ја бараме правдата во рамки на системот. Се обративме и до надлежните собраниски комисии, како и до Постојната анкетна комисија, чија улога е наводно заштита на слободите и правата на граѓанинот – ништо не ни одговорија;
- Паралелно со сето ова, со серија на нови прекршувања, истата Влада доставува до Собрание уште еден Закон за изменување и дополнување на Законот за постапување со бесправно изградени објекти, односно го продолжува стариот закон за постапување со дивоградби.
Дополнителниот правен хаос кој ќе настане поради овој закон, кој е исто така на чекор до финално усвојување, е посебна тема.
Ако е возможно да го поништат владеењето на правото до овој степен, а гледаме дека е, тогаш нема никаква граница која нашите политичари не се способни да ја преминат. Согласност од надлежен орган за легализација на дивоградби во заштитени подрачја е детска играчка во однос на сите закони и Уставот, кои и Владата и сите парламентарци (со чест на 5 исклучоци) ни покажаа дека без проблем можат да ги прекршат. Обидот сето ова да се прикаже како „спречување на урбаното дивеење“ додава уште поголема сериозност на лудилото кое го сведочиме.
Во однос на „невозможното“ добивање на дозвола за кршење на законите во заштитени подрачја, од многуте примери ќе наведеме само еден: ресторанот Острово на сплавовите на изворите на Свети Наум.
Комплексот се наоѓа во зоната на строга заштита на Националниот парк Галичица, во еден од највиталните делови на единственото Светско природно и културно наследство во земјава, Охридскиот Регион, чии вредности се толку уништени што уште од 2017 година експертите сметаат дека ги задоволува критериумите да биде впишано во Листата на светски наследства во опасност.
Според Законот за заштита на природата во зоната на строга заштита се дозволени само научно- истражувачки дејности, и тоа по претходно добиена посебна дозвола. Сето ова не е никаква пречка за ресторанот Острово.
Договорот со ресторанот е склучен помеѓу сопственикот и Јавното претпријатие НП Галичица (институцијата која треба да се грижи за Паркот и да обезбеди дека други субјекти не го кршат Законот за заштита на природата); ресторанот е одобрен од страна на Министерството за животна средина (институцијата одговорна за спроведување на сите закони од областа на животната средина и заштитата на природата); одобрението е врз основа на Елаборат за животна средина, со што е спречена јавна објава и вклучување на јавноста; за договорот Владата во 2019 усвои Одлука за давање на согласност.
Што може повеќе од ова?!
Сакаме и да појасниме дека се неточни изјавите дека новиот Закон за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти не дозволува легализација на дивоградби во Охридскиот Регион.
Законот става ограничување во однос на објектите за кои ќе има негативна оценка во проценката на нивното влијание врз Исклучителните Универзални Вредности на светското наследство – проценки кои не се спроведуваат, така што ниту еден објект нема, ниту ќе има во догледно време негативна оценка. Истовремено, вториот закон за дивоградби (продолжениот стар закон) нема никаква одредба за Охридскиот Регион, со што е обезбедена легализација на дивоградбите дури и ако еден ден навистина почнат да се спроведуваат овие проценки.
Поаѓајќи од сето ова, нашиот став е дека повлекување на двата закони од собраниска процедура е единствениот пат до (базична) правна држава, се наведува во соопштението на „Фронт 21/42“.