Во државава, секој десетти граѓанин смета дека коронавирусот не постои

Сподели

 

Иако помина повеќе од една година од почетокот на епидемијата, дел од Македонците се уште се скептични дека коронавирусот постои. Секој десетти Македонец смета дека коронавирусот не постои или пак се сомнева во неговото постоење. Ова го покажуваат резултатите од истражувањето на јавното мислење кое го направила Владата.

Единаесет проценти од граѓаните сметаат дека коронавирусот не постои, додека 3 отсто немаат одговор на ова прашање. Вирусот е реалност за 86 проценти од анкетираните испитаници.

Врз основа на истражувањето, 73 проценти од граѓаните изјавиле дека немаат прележано Ковид 19, 51 отсто дале потврден одговор на прашањето дали ќе се вакцинираат, 18 проценти се уште не одлучиле, а 28 отсто изјавиле дека не размислуваат да се вакцинираат. Жените се позагрижени споредено со мажите. 

Во однос на тоа кои вакцини се преферираат од граѓаните, најмногу се изјасниле за „Спутник“, (65 отсто), а потоа следуваат „Фајзер“ (61%) и „Синофарм“ (50%). Кај другите три вакцини интересот за вакцинација е помал, односно „Модерна“ би примиле 38% „Џонсон и Џонсон“ 36%, а „АстраЗенека“ 34% од испитаниците. Повеќе од половина од граѓаните прво би чекале потврда за успешноста на вакцината од случаи кои ги познаваат наспроти 42% кои веднаш би се вакцинирале.

Помалку од половина од анкетираните, 44%, сметаат дека Министерството за здравство успешно се справува со пандемијата. Во однос на мерките кои биле донесени за справување со кризата, 37% се изјасниле позитивно, 35% од анкетираните не се задоволни, додека пак 27% велат дека се само делумно задоволни. Според испитаниците, најефикасна мерка која била донесена е финанската помош за зачувување на работните места.

Анкетата, која за потребите на Владата ја спроведе „Индаго“ е направена телефонски врз репрезентативен примерок од 1.100 испитаници кон средината на март.