ФБ со засилена акција против споделувачите на дезинформации

Сподели

 

Фејсбук ги претстави новите начини за информирање на луѓето што се сретнале со содржина која веќе била оценета како дезинформација, а преземаат и посилни мерки против луѓето коишто во континуитет споделуваат дезинформации на социјалната мрежа. Од компанијата уверуваат дека преземаат мерки со кои што помалку луѓе ќе можат да ги видат содржините кои содржат дезинформации за ковид-19 и вакцините, климатските промени, изборите или други теми, пренесува мета.мк.

„Ние сакаме да им дадеме на луѓето повеќе информации пред тие да ја лајкнат страницата која што во континуитет споделувала содржини што сервисите за проверка на факти веќе ги оцениле, па затоа ќе бидете информирани доколку сакате да лајкнете една од овие страници“, информираат од Фејсбук.

На прозорецот што ќе се појави во ваков случај, корисниците на Фејсбук може да кликнат на опцијата „дознај повеќе“, со што ќе можат да дознаат за дезинформациите  објавени од ваквата страница на Фејсбук што веќе биле откриени, но и да прочитаат повеќе за програмата на Фејсбук за проверка на факти.

„Ова ќе им помогне на луѓето да донесат информирана одлука за тоа дали сакаат да ја следат страницата“, објаснуваат од Фејсбук.

Од компанијата објаснуваат дека од самиот почеток на нивната програма за проверка на факти во 2016 година, фокусот е насочен кон намалување на распространетоста на дезинформациите на оваа социјална мрежа. Почнувајќи од вчерашниот ден, Фејсбук ја намали дистрибуцијата на сите постови во њуз-фид од индивидуалните профили на Фејсбук доколку тие постојано споделуваат содржина што е оценета од некој од партнерите за проверка на факти. Тие потсетуваат дека на веќе дебанкираните постови им е намален досегот што тие можат да го постигнат на њуз-фидот.

Фејсбук ги редизајнира и известувањата кон нивните корисници што ќе споделат содржина која подоцна е оценета од партнерите за проверка на факти, а редизајнот на ваквите нотификации е со цел луѓето полесно да разберат кога тоа ќе се случи. Ваквите известувања го вклучуваат написот за проверка на факти што го отфрла тврдењето, како и налог за споделување на написот со нивните следбеници. Тука е и појаснувањето дека луѓето кои во континуитет споделуваат лажни информации може да се случи нивните постови да се појавуваат подолу во њуз-фидот, така што ќе постои помала веројатност другите луѓе да ги гледаат нив.